„Болка и слава“ од Алмодовар и документарецот „Кеиф“ од Дулев денеска на „Синедејс“

Денеска на репертоарот на „Синедејс“ се најавени гала премиерите на филмовите „Болка и слава“ од Педро Алмодовар и „Дева“ на Петра Чокс, музичкиот документарец „Кеиф“ на Блаже Дулев, почнува програмата со студентските филмови, а во бифето на МКЦ ќе настапат „Чалгии мерак“.

Во кино Милениум, во 20:00 часот е „Болка и слава“ на познатиот Алмодовар.

„Салвадор Маљо, филмски режисер на постари години, доживува низа повторни средби. Некои од нив се во живо, други пак се спомени. Неговото детство во шеесеттите години на минатиот век, кога се доселил со родителите во едно село во Валенсија во потрага по подобар живот; првата симпатија; првата љубов во Мадрид во осумдесеттите години и болката на раскинувањето на врската додека неговата љубов сѐ уште била жива и силна; пишувањето како единствената терапија да се заборави тоа што не се заборава; неговите почетоци со филмот; и бескрајната празнина што ја открива неможноста да продолжи да снима филмови. Преку потсетувањето на минатото, Салвадор ја наоѓа силната потреба да го раскаже и во таа потреба го пронаоѓа и сопствениот спас“, стои во најавата за филмот.

Претходно во Милениум, од 17:30 часот е и гала премиерата на „Дева“, на режисерката Чокс. Во „Милениум“ од 22:00 ќе биде прикажан филмот „За бесконечноста“ на Рој Андресон, а најавена е и реприза на „Младиот Ахмед“ на режисерите Жан Пиер и Лук Дарден.

Во киното „Фросина“ е ќе има проекција на филмовите „Полусестра“ на Дамјан Козоле, „Неонски срца“ на Ана Јакимска, „Душичка“ на Мундија Модур. Од 21 часот ќе има проекција на „Кеиф“, документарец посветен на македонската чалгија.

Во џебното кино на МКЦ од 19 часот почнува програмата составена од студентски филмови, а во 22:00 е „Житието по Брајан“.

Целата програма е достапна на следниот ЛИНК.