Боко Харам е најсмртоносната терористичка група во светот, не ИСИС

После три напади во три недели во Париз, Бејрут и Синајскиот полуостров во Египет, во кои беа убиени вкупно 397 луѓе, светското внимание е насочено кон Исламска држава и нивната бруталност.

Но, во североисточна Нигерија, постои терористичка група која е поопасна – Боко Харам.

Нигериската џихадистичка група стои зад убиствата на 6644 луѓе во 2014 година, за разлика од 6073-те жртви на ИСИС, според Глобалниот индекс за тероризам за 2015 година, објавен од институтот за економија и мир во средата.

Бројот на жртви во Нигерија порасна токму кога извештајот беше објавен. Најмалку 14 лица беа убиени, а повеќе од 100 беа повредени кога две жени детонираа бомби пред прометен пазар во северниот град Кано. Нигериските власти ги обвинија Боко Харам за нападите.

Овие бомбардирања се случија само 24 часа откако во друг напад, за кој се претпоставува дека е исто така извршен од Боко Харам, починаа 34 луѓе, а 80 беа повредени во градот Јола во вторникот.

Претседателот на Нигерија Muhhamadu Buhari ги повика жителите да бидат внимателни, предупредувајќи дека неговата армија можеби не е доволно моќна за да ги спречи другите напади од Боко Харам. Сепак, рече дека е одлучен да ја „избрише“ терористичката група.

Боко Харам и ИСИС се одговорни за 51 посто од сите смртни случаи поврзани со тероризам во светот во изминатава година, а бројот на убиства извршени само од Боко Харам пораснале за 300 посто, според Глобалниот индекс за тероризам.

Меѓу ИСИС и Боко Харам има многу сличности. Како и ИСИС, и Боко Харам прогласија калифат на територијата која ја контролираат во Нигерија. Објавуваат и пропагандни видеа, а целта им е да воведат шеријатско право низ Нигерија и да ја симнат од власт сегашната Влада.

Во март 2015, Боко Харам се заколнаа на верност на ИСИС.

Според извештајот објавен во среда, тероризмот е во пораст секаде во светот. Вкупниот број на смртни случаи поради тероризам во 2014 бил 32685, што е пораст од 80 посто од 18111 смртни случаи во 2013 и највисоко ниво кое некогаш било забележано.

Иако нападите во западните земји вообичаено добиваат повеќе внимание од западните медиуми, повеќе од 78 посто од терористичките напади се случиле во Нигерија, Ирак, Авганистан, Пакистан и Сирија.

Вкупно во 67 земји имало најмалку еден смртен случај поради тероризам во 2014, во споредба со 59 земји во претходната година.