Бојкот на наставата во скопската гимназија „Никола Карев“ – ученици не сакаат промена на класот поради смерот

Ученици од втора година во скопската гимназија „Никола Карев“ се собраа во училишниот хол, бојкотирајќи ги првите три часа. Информацијата за Радио МОФ ја потврди средношколка од оваа гимназија, испраќајќи фотографија од бојкотот до нашата редакција.

Според нашите извори, учениците не сакаат во трета година да има промена во составот на паралелките според смеровите кои ги избрале – пракса која оваа гимназија ја вовела пред две години. Учениците велат дека тоа не давало резултати, односно повторно имало проблеми со распоредот, а успехот бил уште помал.

Учениците ги бојкотираат само првите три часа, а потоа најавуваат дека ќе и се вратат на наставата. Овој чекор го презеле бидејќи професорите и директорката на гимназијата не им одговориле на молбата по ова прашање што ја испратиле пред две недели.

Во други гимназии, пак, учениците во трета година се делат само на изборните предмети, додека основните предмети и класен час го слушаат заедно.