Бојкот на наставата и на Педагошкиот факултет во Скопје

Студентите од Педагошки Факултет „Св.Климент Охридски“ Скопје формираа интерен Пленум и прогласија бојкот на наставата и на овој факултет.

Педагошки - Студентски пленум

Денеска напладне, со обраќање на македонски, албански и турски јазик, пред студентите и професорите, тие го најавија бојкотот и повикаа сите студенти да им дадат поддршка.

Педагошки - Студентски пленум

„Педагошкиот Факултет е против предлог законот за високо образовните установи за образование на наставен кадар во предучилишно, основно и средно образование и истиот во целост го отфрла! Како и законот за државен испит. Исто така е против предлог законот за Академија на наставници“, порачуваат од Студентски Пленум – Педагошки Факултет „Св.Климент Охридски“ Скопје.

Пленумци велат дека ќе ги бојкотираат предавањата додека не бидат исполнети нивните барања, а тоа е повлекување на државниот испит и да нема академија на Педагошкиот факултет. Според нив, можно е од наредна недела да се прогласи автономна зона.

Педагошки - Студентски пленум

Голем број студенти веќе цела седмица ја бојкотираат настаната и на Правниот и Економскиот факултет, а под студентска окупација се две згради, на Филозофски/Фиолошки факултет и на Машински/ФЕИТ. Денеска окупацијата се прошири и во Битола, на Техничкиот факултет.