Богданци го повлекува одобрението за Казандол, Валандово чека датум за референдум

По успешниот референдум и 4.205 гласови „против“ отворање рудник на територијата на Богданци, Советот на оваа општина го повлече одобрението за Казандол.

Одлуката е испратено до надлежните министерства и се очекува одговор, а активистите апелираат Владата што поскоро да се изјасни и да не тактизира.

Меѓувремено активисти од „Спас за Валандово“ ја повикуваат локалната власт да одговори зошто се одовлекува целиот процес за распишување референдум, а истовремено инвеститорот организира собири на кои се промовира рудникот Казандол како инвестиција која нема да ја загадува животната средина.

Од валандовската иницијатива потенцираат дека законските барања за организирање референдум се исполнети, собрани се 2.213 потписи.

„Советот требаше првично, во рок од 20 дена од седницата на 27 април, да повика еминентни и независни експерти од различни области, за да ги оценат процесите и дали и како би имало ризик по здравјето на жителите и последици по животната средина. Поминаа веќе два месеца, а тоа не е сторено од нивна страна“, соопштија од „Спас за Валандово“.

Од Валандово сметаат дека некој нешто мати во Општина Валандово и граѓаните се игнорирани поради некоја причина.

„Функционерите во Општина Валандово наместо да испишат светла историја заедно со граѓаните тие работат против своите деца, родители, пријатели, другари. Вистината ќе се дознае на еден или на друг начин, час порано или подоцна“, стои во соопштието од иницијативата.

Во Дојран, пак, претседателот на Советот се уште се нема изјаснето по барањето на опозициските советници да се свика итна седница и да се вметне прашањето за Казандол на референдумот на 23 јули. Дојранчани на овој датум ќе гласаат „за или против отворање рудници на територијата на Дојран“, а Казандол засега го нема како опција за изјаснување.

Компанијата „Сардич МЦ“, инвеститорот на рудникот Казандол, освен што организира средби со жителите на Пирава и Јосифов за упатува на инвестиција без штетни последици, смета дека голем дел од активистите го нарушуваат угледот на компанијата. Односно тврди дека користеле паушални и неточни обвинувања и досега испрати опомени пред тужби.