Богатите држави ги „грабнаа“ повеќето дози на потенцијалните Ковид-19 вакцини

Богатите нации кои сочинуваат само мал дел од светската популација веќе купиле или резервирале повеќе од половина од дозите на потенцијалните вакцини против Ковид-19, покажува студијата на глобалната организација „Оксфам“, а американскиот претседател Доналд Трамп вети дека Американците ќе започнат да се вакцинираат за неколку недели, пренесува „Ал Џазира Балканс“.

Големите фармацевтски компании се натпреваруваат во производството на ефикасна вакцина против новиот коронавирус кој досега уби повеќе од 935.000 луѓе ширум светот и зарази над 30 милиони.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во средата предупреди за „националистички пристап кон вакцината“ кој би можел да ги загрози животите на најранливите и најсиромашните нации.

Студијата која ја објави „Оксфам“ покажува дека група на богати земји кои сочинуваат 13% од светската популација веќе обезбедиле огромни дози на вакцината.

„Пристапот до вакцината не треба да зависи од тоа каде живеете или колку пари имате“, рече Роберт Силверман од „Оксфам Америка“.

Од петте водечки кандидати за вакцини кои се во напредна фаза на тестирање ќе можат да се произведат 5.9 милијарди дози, доволно за вакцинирање на три милијарди луѓе, се вели во извештајот.

Околу 51% од тие дози ги „грабна“ богатиот свет, вклучувајќи ги САД, Велика Британија, Европската унија, Австралија, Хонг Конг, Макао, Јапонија, Швајцарија и Израел.

Останатите 2.6 милијарди дози ги купија или резервираа Индија, Бангладеш, Кина, Бразил, Индонезија и Мексико.