„Боемска рапсодија“ – просечен филм спасен од брилијантната изведба на Рами Малек

Да се пренесе приказната на еден „R-rated“ рокенрол живот на веројатно најголемиот изведувач на сите времиња, во PG-13 филм, не е лесна задача. Уште помалку кога продукцијата наидува на голем број проблеми. Сепак, „Боемска рапсодија“, филм за животот и наследството на фронтменот на Queen, Фреди Меркјури, ќе биде еден од најпопуларните годинава.

Филмот во режија на Брајан Сингер, кој после отпуштањето од студиото беше заменет со Декстер Флечер (чие име не се споменува во кастингот) има мал број на адути, но најголемиот од сите е главниот актер Реми Малек, најпознат по улогата на Елиот во серијата Mr. Robot. Неговата изведба како екстравагантниот и енергичен Меркјури е една од најпрецизните и детално проучени во биографски филм. Како и Черчил на Гери Олдман и Линколн на Даниел Деј Луис, улогата бара голема посветеност поради специфичните гестикулации, начин на говорење и автентичност на ликот кој се толкува. Разликата овде е во тоа што Фреди Меркјури е познат како најтеатрален и непредвидлив пејач, чија комуникација со публиката се смета за единствена во историјата на музичката историја. Рами Малек фасцинира со својата трансформација, физичка но и емоционална, одлично шетајќи од енергичната персона на Меркјури на сцена, до интровертниот и срамежлив Фреди „по дома“.

Одлично се избрани и актерите кои ги толкуваат улогите на гитаристот Брајан Меј (Гвилим Ли), тапанарот Роџер Тејлор (Бен Харди) и басистот Џон Дикон (Џозеф Мацело), поради физичката сличност, но и природноста со која ги толкуваат улогите. Самите членови на бендот учествуваа во избирањето на актерската екипа, и нивното влијание во продукцијата е доста забалежливо.

Музичкиот избор на Џон Отман додава темпо и енергија на филмот, но тоа е и повеќе од очигледно за филм базиран на приказната на бенд како Queen. Кинематографијата на Њутон Томас Сигел и продукцискиот дизајн на Арон Хеј, сепак, потфрлиле во обидот да ја доловат глам-рок атмосферата на 70-тите и 80-тите, бидејќи наместо тоа филмот изгледа како второкласен музички спот од сегашноста.

Режисерот Сингер, најпознат како режисер по X-Men,  создава атмосфера која е најголем дел од времето лесна и комична, но потфрла при посериозните моменти во филмот, кои делуваат како неприродно вклопени и додадени без контекст. Транзициите од една сцена во друга се неумесни и речиси аматерски.

Сепак, најголем проблем во филмот е сценариото. Делумно вистинита, делумно фиктивна, приказната не успева да ја долови дуалноста и комплексноста на карактерот на Фреди Меркјури, ниту пак тежината на неговите внатрешни проблеми –неговото потекло, личното прифаќање на неговата сексуалност и перцепцијата на јавноста, осаменоста која ја носи славата и на крај, неговата дијагноза и смрт.

За контраст, Straight Outta Compton од 2015 имаше слична тематика – приказната на талентирани музичари кои инспирираат цело социјално и културолошко движење, истовремено борејќи се со внатрешните несогласувања и смрт на еден од членовите. Но помина со многу помалку фанфара, иако е подобар филм. За инстантниот бокс-офис успех на „Боемска рапсодија“ е виновна носталгијата за Фреди Меркјури, огромниот број обожаватели на Queen, драматичното одолговлекување на продукцијата, само љубопитноста, или комбинацијата од сите горенаведени причини.

Но, без разлика на недостатоците на филмот во целина, гледањето на „Боемска рапсодија“ не е залудно трошење два часа, бидејќи е забавен филм со комични моменти по кој несомнено публиката ќе ја пушти истоимената песна со звукот оставен на максимум. Ако тоа не е доволно, само изведбата на Малек заслужува да се погледне овој филм.

Стефанија Тенекеџиева