Бобан Алексоски за „Дневникот на лудиот“: Луѓето не сакаат да ја слушнат вистината

По пауза од две години, монодрамата „Дневникот на лудиот“, на 20 и 29 март повторно ќе се игра во Театарот „Сенки и облаци“. Картите за првата изведба на претставата, правена по текстот на Николај Гогољ, во режија на Ѓорѓи Ризески и актерска игра на Бобан Алексоски, веќе се продадени.

Претставата, како што објаснува актерот Алексоски, беше ставена во мирување поради состојбата во која се наоѓа независната сцена, иако непосредно по премирата во 2017 година, се закити со две награди на фестивалот во Тирана.

Текстот денес е многу актуелен, а изведбата провокативна и блиска на публиката. Бројот на публиката е строго ограничен поради концептот на претставата.

„Претставата е поставена за строго ограничен број на публика, затоа што концептот е близок и се занимава со мислењето на гледачот, преку разни решенија во однос на интерактивноста на мојот лик со публиката. Всушност сцената на претставата е домот на Аксентие, ликот кој го толкувам“, објаснува Алексоски

Претставата паузираше поради немањето соодветна локација за изведба, но и немањето финансиска поддршка.

„Дневникот на лудиот“ од Гогољ, зборува за проблемот на човекот внатре во себе и како нас во таа дилема или дискусија со себе не прифаќа општеството.

„Нашата претстава се занимава со тоа колку е важно да се има поддршка за да се успее во животот, колку сме виновни што сме добиле или не сме добиле од него. Разочарувањето не е одговор, има нешто среќно што го трагаме сите, но многу пречки што самите сме ги создале не ни дозволиле за да конечно го најдеме и му се радуваме до крај. Денес сите некако стравуваат да дадат вистински одговори и владее лицемерие на големо, владеат и лагата и лакомоста. Со една реченица – Себичното општество го оштетува човекот до крајот на животот“, вели Алексоски.

За него бил вистински предизвик да го игра ова дело. Актуелноста на текстот, е во распаѓањето на ликот кој се обидува да го смени своето реално мислење со некаква утеха или пореална анализа на неговиот живот. Актерот е сигурен дека гледачите ќе препознаат барем еден проблем од тие што го мачат Аксентие, ќе размислат и ќе сменат нешто кај себе.

„Пред две години почнавме да го работиме текстот со режисерот Ѓорѓи Ризески и имавме за цел, да му дадеме ново видување, да е поблиско и да се случува во реално време, сега и овде. Да биде блиску до публиката. Најмногу до младиот човек. Да се зборува отворено за болеста, но и која е причината за таквата судбина на главниот лик“, посочува Алексоски.

Пробите, вели, биле чудни затоа што ја немало публиката, па режисерот Ѓорѓи, ја имал улогата да „глуми“ публика.

„Е кога наидовме на публика на неколкуте изведби ги имавме потребните реакции и соработка. Дури и во Тирана каде што земавме награда за најдобра режија и награда за најдобар актер на фестивалот, повеќето од публиката можеби не ни го разбра јазикот, но сите знаеа што се случува на сцена и следеа и одговараа на ‘’решенијата’’ со големо внимание“, се потсетува актерот.

Смета дека има публика за вакви проекти и најискрено посакува надлежните да имаат слух за независната театарска сцена. Вели дека  театарот отсекогаш бил и ќе биде критиката на едно општество и време. Затоа и верува дека преку камерна игра, успеваат да пријдат поблиску до денешните проблеми.

Едно од прашањата, кое се поставува во претставата е „Дали луѓето сакаат да ја чујат вистината?“.

„Не. Се плашат. Ја избегнуваат. Не ја ни кажуваат. Штета“, заклучува Алексоски.

Ј.Ј.