„Блуз и соул фестивал“ викендов во Скопје

Со настап на македонскиот блуз-бенд „Кросроуд блузбенд“ (Crossroad Blues Band) вечерва се отвора тридневниот 22. „Блуз и соул фестивал“. Настанот кој го организира Дирекцијата за култура и уметност Скопје ќе се одржува во пивница „Стар Град“ (Темов) во Скопската чаршија, а ќе гостуваат музичари од Србија, Белгија и Данска, по избор на селекторот Иво Солдатовиќ.

На фестивалот ќе настапат четиричлениот белгиски состав „Shakedown Tim & The Rhythm Revue“, „Сhris Grey & The Bluespand“ од Данска, „The Gamblers“ и „The BluesHammer“ од соседна Србија, но и домашниот диџеј Васја Ивановски.

„CrossRoad Blues Band“ е еден од најпознатите македонски блуз бендови кој со сизифовска упорност опстојува на кревката Македонска блуз сцена повеќе од две децении. Непосредно после снимањето на албумот „Тутун Блуз” во 2000 година, бендот добива понуда да учествува на престижниот „Blues & Soul“ фестивал во Скопје, а потоа следи и првиот меѓународен настап на групата на „Rock&Blues“ концертот во Софија – Бугарија.

„Shakedown Tim & The Rhythm Revue“ е еден од најинтересните блуз состави во Европа во моментов, кој свири жестока и динамична комбинација од блуз, џамп-блуз и буги, до свинг и ритам&блуз. Фронтменот Тим Шејкдаун пред повеќе години го има основано легендарниот белгиски блуз бенд, кој веќе не постои „Fried Bourbon” преку чии настапи ја има делено сцената со светските блуз имиња – Џин Тејлор, Џејмс Харман, Вили Бак, Џо Бади и Бил Шефилд. „Shakedown’s Th’owdown“, новиот албум на составот е разновидна колекција од блуз и нему сродните правци, на кој како продуцент се јавува американскиот блуз мајстор – Џејмс Харман, кој свири и хармоника на неколку песни.

„The Gamblers“ е легендарен српски блуз бенд од Сремска Митровица кој “гази” на регионалната блуз сцена од далечната 1984-та година. Во ритамот на блузот и соулот и со модерни интерпретации на раниот традиционален блуз и рокенрол музиката имаат настапувано на многу престижни музички фестивали низ Европа и регионот, рамо до рамо со имиња како легендарните Џони Винтер, Лоренс Џоунс и Иан Сигал.

„Chris Grey & The BlueSpand“ и нивниот груви-фанки блуз во последниве две години се еден од најпопуларните и најуспешните блуз состави кои ги освоија блуз-фановите низ Европа и ширум светот.
Нивните настапи во живо на социјалните мрежи имаат милиони прегледи, а особено видеото „Grab’em by the Elbow” и изведбата на песната „Mammas Mammalaid”. Фузијата на блуз, соул и фанк кулминира на нивниот албум „Lotta Love”, кој се врти на најрелевантните радио станици низ САД, Европа, Канада и Австралија.

„The BluesHammer“ се познат српски блуз состав од Нови Сад кои постојат веќе 20 години. Мешавината од тексашки блуз и јужњачки рок и фанк ги прави нивните настапи многу атрактивни, а за тоа говорат бројните настапи по фестивали.  Досега имаат издадено еден авторски албум и еден сингл.

Васја Ивановски е долгогодишен познат радио водител во Радио Скопје на првата емисија во Македонија која сериозно го третираше рокенролот, блузот и џезот „Поп топ 50“, потоа во Класик ФМ радио, Антена 5 и Канал 103. Повеќе години беше селектор на скопскиот „Блуз и соул фестивал“ и „Македонскиот блуз самит“.