„Блупринт“ за образование и млади: Нови стратегии, сеопфатни реформи и департизација

Сеопфатна стратегија за образование до крајот на 2017 година, реформа во образовните институции и наставните програми, надминување на проблемот со партизираноста, транспарентност при креирање на образовните и младински политики бара граѓанското општество. Овие предлози се дел од дополнетиот „Блупринт“ за образование, кој содржи низа мерки предложени од граѓанските организации во насока на забрзување на демократските реформи во земјава.

Со „Блупринтот“ се бара и непречено младинско организирање, како и признавање на младинските претставнички тела. Голем дел е посветен на реформите за образовната инклузија и опфатот на деца во предучилишното образование, учество на државата во меѓународните тестирања како ПИСА, а се препорачува и воведување нов систем на проверка на знаењата на учениците. Сугестиите на невладините се ваквото тестирање да се спроведува во втора година во средно образование, како и кај осносвците во шесто и деветто одделение.

„Сметаме дека укинувањето на екстерното тестирање реши еден, но остави нов проблем за тоа каков вид на проверка на знаењата на учениците ни е потребно, и дали ни е потребно. Сугерираме да постојат национални тестирања, но тоа да биде исклучиво во функција на подобрување на образовните политики, а не за проверка на објективноста на оценувањето и казнување на наставниците. Наместо тоа, треба фокусот да се стави на тоа колку и дали учениците ги постигнуваат националните стандарди“, вели Сузана Пецаковска, координатор за образование во Фондацијата Отворено општество Македонија (ФООМ)

Секоја образовна реформа мора да биде врзана со институционална реформа, децидна е Пецановска. Таа појаснува дека ако институциите се слаби, не ќе можат да ги следат ефектите од образовните реформи. Како една од најтешките и најскапи реформи се споменува и подобрувањето на наставните програми и квалитетот на учебниците, каде се препорачува дека освен теоретичари, неопходно е вклучување на луѓе од праксата. „Блупринтот“ бара унапредување на образованието на наставниците, како и да запре назначувањето на директори според партиската книшка.

„Да не дозволиме партијата на власт да се отслика во раководните лица во образовните институции,  туку да се отслика некаков квалитет на луѓето кои се носители на тие фунции, бидејќи само така можеме да мрднеме од оваа мртва точка и да направиме исчекор кон квалитетно образованите “, вели Пецаковска.

Во делот на „Блупринтот“ посветен на млади пак, се бара да се признаат младинските претставнички тела.

„Признавањето на најголемото претставничко тело, Националниот младински совет на Македонија од страна на институциите, особено Агенцијата за млади и спорт е еценцијално за да се овозможи учество на младите во креирање на младински политики и носење одлуки за истите. Поништување на изборот за младински претставник во РИКО поради нетранспарентен и нелегален процес и спроведување на нови избори организирани од НМСМ, а поддржани од страна на Агенцијата за млади и спорт е чекор напред кон подобрување на комуникацијата помеѓу младите и институциите, но и овозможување на меѓународна соработка помеѓу институциите и малдите на Западен Балкан“, вели Александра Филипова од Младинскиот образовен форум.

„Блупринтот“ препорачува и признавање на професијата младински работник, како и евалуација на постојните мерки за вработување на младите.

Овие предлози претставуваат дополнување на предлогот за итни демократски реформи подготвен од група граѓански организации и експерти во јули 2016 година. Притоа првата верзија на „Блупринтот“ беше надградена со уште четири дополнителни области – социјална заштита, култура, здравство и енергетика. Документот е патоказ за тоа што е најважно и потребно да биде направеново наредните 12 месеци.