Блокиран влезот на РТС на 14-тите протести во Белград „1 од 5 милиони“

Со свирчиња и труби, повеќе илјади граѓани и оваа сабота, по 14-ти пат, се собраа на платото пред Филозофскиот факултет во Белград на анти-владините протести познати под слоганот „1 од 5 милиони“.

Граѓаните околу еден час го блокираа влезот на зградата на Радиотелевизија Србија (РТС), а дел од демонстрантите фрлаа и јајца врз српскиот јавен сервис. Оваа таканаречена „предупредувачка блокада“ беше под паролата: „Доста ние ве гледавме, сега вие ќе не гледате нас“.

Пред РТС демонстрантите го изведоа перформансот „Дневник на слободна Србија“ во кој граѓаните ги читаат вестите и главна тема се информации за протестите, како контраст на информациите кои се пренесуваат преку јавниот сервис.

Пред граѓаните се обрати актерот Бранислав Лечиќ, кој изјави дека власта го дели народот и влева страв.

„Затоа и заедно шетаме по улиците. Бидете солидарни со сите, па и со оние кои се заведени и не веруваат во тоа што го правите, бидејќи сите ние сме народ. Ги повикувам сите граѓани да се исправат, да го наполнат своето срце со енергија и никогаш да не признаат дека се уплашени, затоа што не смеат да бидат“, рече во својот говор Лечиќ.

Покрај во Белград, синоќа протести се одржаа уште во десет други градови низ Србија.

Нов протест е најавен за 12 март, кога ќе биде одбележана 16-годишницата од убиството на поранешниот српски премиер Зоран Ѓинѓиќ.