[Видео] Блокади на три моста во Скопје, Шарената револуција одбројува ситно

Со блокада на три моста во центарот на Скопје и испишување на бројката 2, учесниците на Шарената револуција порачаа дека се ближи крајниот рок од ултиматумот на 18 јуни, за исполнување на нивните барања.

Блокада на мостот „Гоце Делчев“

Блокирани се мостовите „Гоце Делчев“, „Слобода“ и „Мајка Тереза“, во рамки на активностите на демонстрантите со кои сакаат да ги алармираат институциите дека бараат потврдување на уставноста на Специјалното јавно обвинителство и запирање на прогонот на демонстрантите.

Славица Попова, граѓанка која вели дека протестира од самиот почеток на Шарената револуција, вели дека се свесни дека блокадите создаваат револт кај луѓето, но треба сите да сфатат дека мора некаде да си го остварат демократското право.

„Јас, како еден од учесниците на Шарената револуција, им се извинувам на сите на коишто сме им попречиле, но треба да разберат дека она што го бараме, го бараме за подобро утре, за целата држава, а не само за нас како поединци. Демонстрациите ќе продолжат додека не се исполнат сите услови коишто се јавно искажани и мора веќе еднаш да му се стави крај на ова лудило“, вели Попова.

Блокада кај мостот „Слобода“

Додава и дека ќе одлучат кои се наредните чекори, во зависност од тоа што ќе се случи во наредниве два дена.

„Во зависност од тоа како властите ќе одговорат на ултиматумот, така ќе се решаваат и постапките. Кај нас ништо не е договорено и режирано“, открива таа.

Блокада на мостот „Гоце Делчев“

Погледнете го видеото од блокадата на мостот „Гоце Делчев“ кој беше ишаран во боите на револуцијата.