Блокада пред Усје на 25 декември – активисти велат дека Цементарата го полни Скопје со честички и токсини

Граѓанската иницијатива Стоп за Усје на 25-ти декември во 18 часот најавува блокада пред Цементарата „Усје“ и ги повикува граѓаните на протестен собир со порака дека „воздухот во Скопје нема да се исчисти сам“.

Од Стоп за Усје ја посочија меѓународната платформа Climate Trace, според која, како што рекоа, Цементара Усје е идентификувана како еден од најголемите извори на PM2.5 загадување, рангирана меѓу првите 10 отсто емитери на глобално ниво.

Како што наведуваат од иницијативата, податоците на апликацијата со вештачка интелигенција Climate Trace, базирани на сателитско следење и моделирање на индустриските емисии, покажуваат јасни облаци од PM2.5 честички кои се движат директно кон Скопје, што, според нив, укажува на значително влијание врз квалитетот на воздухот во градот.

Printscreen од сајтот на Climate Trace со дел од основни податоци за Усје

„Во македонската регулатива сè уште не е утврден дневен лимит за PM2.5 честичките, иако тие се значително поопасни по здравјето од PM10. За PM10 честичките, согласно правилникот на Министерството за животна средина, дозволено е надминување на граничните вредности најмногу 35 дена во текот на една година“, посочуваат оттаму.

Дополнително, според методологијата на Светската здравствена организација (СЗО), доколку PM10 или PM2.5 ја надминат дневната дозволена вредност повеќе од три до четири дена годишно, воздухот се смета за потенцијално штетен за здравјето на луѓето — состојба која, како што велат од иницијативата, во Скопје се јавува многу почесто.

„Усје ноќе не спие и Скопје со него. Додека градот тоне во темница, оџаците на Цементарата го полнат воздухот со честички и токсини“, соопштија пред некој ден од иницијативата.

На блокадата најави дека се приклучува и Зелен хуман град (ЗХГ), од каде вчера до Советот на Град Скопје поднесоа иницијатива за дислокација на Усје.

„Со иницијативата предлагаме Советот јасно да заземе став дека на тешка и високозагадувачка индустрија не ѝ е местото во густо населено подрачје и дека Усје мора да биде дислоцирана надвор од Скопје и надвор од кое било населено место“, соопштија од ЗХГ.

Со Иницијативата се предлага градоначалникот на Град Скопје овој став да го достави до Владата, Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина и Собранието, за тие понатаму да постапуваат во рамки на своите надлежности.

„Цементарница Усје е инсталација на тешка и високозагадувачка индустрија (Г1) која со децении функционира во непосредна близина на населени делови на Скопје. Нејзината локација е историски анахронизам и директно е спротивна на уставно загарантираното право на граѓаните на здрава животна средина, како и на современите стандарди за заштита на јавното здравје“, рекоа од ЗХГ.

Од таму посочуваат дека инспекциските наоди од 2023 година покажале сериозни системски пропусти во институционалниот надзор.

„Прифатени се извештаи за емисии со дупки од по 10 часа во 24 часа, спротивно на Правилникот за мерење емисии и тоа од мониторинг станица која самата Цементарница ја контролира. Овие наоди резултираа со кривична пријава поднесена од Град Скопје во јануари 2023 година“, забележуваат од ЗХГ.

И покрај тоа, велат тие, не следело ниту забрана за работа, ниту ефективни мерки за драстично намалување на загадувањето, ниту поставување независни мерни станици околу Усје.

„Дополнително, во септември 2025 година Министерството за животна средина предложи, а Собранието усвои, закон со кој за првпат во историјата на Македонија индустриското загадување беше класифицирано како ‘деловна тајна’ – закон кој беше поздравен и позитивно оценет од Усје. Ова јасно укажува на институционален неуспех и откажување од заштита на јавниот интерес“, смета ЗХГ.

Зелен хуман град со иницијатива за дислокација на Усје

Истовремено, со свој став се јавија и од ТИТАН Усје. Тврдат дека според мерењата нема отстапувања од законски дозволените лимити.

„Целосно ги отфрламе неоснованите обвинувања кон ТИТАН Усје, кои се невистинити и не се засноваат на измерени научни податоци и факти. За жал, и овој пат компанијата се користи како изговор, иако реалните, научни и мерливи факти јасно укажуваат дека причините за загадувањето треба да се бараат на друго место. Имено, работењето на ТИТАН Усје е под 24-часовен независен мониторинг, а сите податоци од мерењата се јавно достапни. Покрај нивното доставување до надлежните институции, кои имаат и независен увид, податоците од мерењата редовно се споделуваат со медиумите и со невладиниот сектор. Сите мерења покажуваат дека работењето на компанијата е под законски дозволените лимити“, соопштија оттаму и објавија и графикон со вредности.

Извор: ТИТАН Усје

„Од 2007 година, емисиите на ТИТАН УСЈЕ се мониторираат 24 часа, 365 дена во годината од страна на независен, автоматски систем за мониторинг (вкупна прашина, SO2 и NOx), кои се контролирани од страна на надлежните органи. Компанијата не е во можност на каков било начин да влијае врз резултатите“, се вели во информацијата на ТИНАН УСЈЕ, при што се додава дека производството запира доколку филтрите не работат, односно дека технолошкиот процес оневозможува работа на погонот без работа на филтрите.

Бојан Шашевски