Вториот од трите блока на Рударско-енергетскиот комбинат Битола утрово бил автоматски исклучен од електроенергетскиот систем по активирање на заштитниот механизам, соопшти АД ЕСМ, пренесува новинската агенција Мета.
Во соопштението не баш прецизно се наведува дека вториот блок е исфрлен од системот поради „зголемена температура, односно појава на опожарени дрвени елементи во близина на ормарот за електронско управување“. Од Електростопанство се сомневаат на можна саботажа.
Истовремено, како што посочуваат од ЕСМ, првиот Блок е на редовен годишен ремонт, а третиот Блок „е исклучен од мрежата поради намалената побарувачка од страна на Универзалниот снабдувач ЕВН Хоум“.
Во меѓувреме, според ЕСМ, потребите за електрична енергија на државата се покриваат преку зголемено производство на хидроелектраните и преку увоз на струја од страна на операторот МЕМО.
„Електроенергетските потреби на државата се задоволуваат преку зголемено производство од хидроелектраните, како и преку купопродажба на енергија преку Националниот оператор на пазарот на електрична енергија (МЕМО), кој е во сопственост на државниот Електро-преносен систем оператор МЕПСО.
Како што велат од ЕСМ, нивните служби реагирале а за случајот ја известиле и криминалистичката полиција, која врши увид на местото на настанот.
Инаку, на 18 мај годинава, голем дел од државата остана без електрична енергија, поради, како што наведоа тогаш од МЕПСО, дефект во 110 киловолтната мрежа предизвикан од висок напон во регионалната 400 киловолтна мрежа.
На 6 јануари годинава, пак, МЕПСО го пушти во употреба 400/110 киловолтниот трансформатор во трансформаторската станица (ТС) Битола 2. Тоа беше најавено како пресвртница во обезбедувањето енергетска стабилност за југозападна Македонија и за целиот национален енергетски систем.