[Блог] Не твитај ако не можеш истото да му го кажеш на некој во лице

[Блог] Не твитај ако не можеш истото да му го кажеш некому во лице„Твитер и cyber-bullying“ или „не твитај ако не можеш истото да му го кажеш на некој у фаца“ – мислам, можеме да го наречеме како сакаме.  Насловот и не е толку важен. Зборовите од друга страна се, многу. Преку зборовите ја комуницираме нашата личност, му се објавуваме на светот. Можеме да ги користиме за се што сакаме, за на пример, да му го разубавиме на некој денот, или да повредиме некој. Изборот е наш и индивидуален. Последиците се големи и општествени.

Друштвените мрежи и интернетот ни овозможуваат удобна дистанца – можеме да комуницираме со светот без директно да се изложуваме и сме послободни – можеме да кажеме повеќе од што би кажале кога ќе гледаме некој во очи, ослободени од социјалните бариери на реалноста. На друштвените мрежи сме сепак ние – не се некои безживотни аватари (иако руските ботови би имале тука забелешка :) ), нашето онлајн егзистирање е само слика на она што сме ние офлајн. Општеството, со сите негови маани и добри особини го пренесуваме онлајн, во мали, поконцентрирани групи. Ги пренесуваме и личните маани и добри особини. Се здружуваме. Луѓето сакаат да се здружуваат. Се чувствуваат поудобно во групи. Некогаш, овие аватари се здружуваат вадејќи ги во прв план добрите особини на општеството и прават хумани акции, шират информации, се забавуваат, па дури и мали работи како тоа да си честитаат родендени. Но многу често, аватарите се здружуваат и ги откриваат гадните особини на општеството кои остануваат потскриени во реалноста – како на пример групното малтретирање(bullying). Сега повеќе не каменуваме луѓе на улица, но затоа го имаме интернетот како свое место за таков тип на здружување. А зборовите се баш како камења – или на човек ќе му изградиме покрив над глава со нив, или ќе му пуштиме крв. Ги имаме на располагање до бесконечност, а изборот е наш.

И во реалноста постојат малтретирачи. Сетете се на лошото дете од школо. На неговите другари. Фина бандица. Во реалноста е малку потешко да си таков човек и носи многу големи последици, па не сите одат по тој пат. Затоа онлајн, тоа е лесно. Можете кога сакате да станете дел од бандицата на лошото дете. Само 140 карактери! Навредлива смешка и досетка. Фејворитс. РЕТВИТС! Се повеќе луѓе ти се приклучуваат на исмевањето. Затоа што се натпреварувате, хаштагот станува се побрутален. Се поише крв. Уживате во каменувањето. Досадно. Се едно исто. Ај спиење. Хит беше нели. Ај утре пак, сеа знаеш како треба.

Уште поголемиот проблем со ваквиот начин на малтретирање е тоа што многу повеќе луѓе можат да го видат. А да не се лажеме до кај сме со еволуцијата, сеуште важи monkey see, monkey do, тоа е човечка работа. Можеби си мислиме дека еден твит кој ќе го твитмеме нема големо значење и се губи, но твит по твит, градиме правила на однесување, норми, градиме култура. Во случајов, градиме култура на малтретирање. Го поставуваме тоа за нормално, прифатливо. Секој твит што ќе го твитнеме придонесува за тоа. А кога нешто станува норма и култура, тоа не е повеќе резервирано само за одбраните – тоа станува дел од однесувањето на сите, и може да им се случи на сите. Еден ден, нема да помислиш дватати пред да твитнеш нешто (на сите ни се вртат милијарда глупости во главите, а некогаш само сакаме внимание) и оп – луѓето на хаштаг викаат дека си глуп, грд, неморален, невреден, дека не си доволно добар човек, секакви гадости.

Покрај градењето на одвратна култура на малтретирање, да не заборивиме уште еден од аспектите на сериозноста на ова однесување. Кога едно дете е малтретирано во училиште, може само тоа и уште неколку деца ќе знаат за ластиците што ги јаде, може ќе знае неговото училиште и роднините, ама толку. Со твитер, тие ластици можат да ги видат сите. Во Македонија нема некои посериозни случаи затоа што сеуште се гради (браво јеи нели) таа култура на чопоративно срамување на луѓе на друштвени мрежи, но во другите земји, како на пример САД, веќе има неколку случаи на самоубиства предизвикани од вакво однесување.

И пред да помислите дека одам предалеку, да резонираме вака – тоа што ние сме возрасни и свесни веќе и можеби дури и да ни направат хаштаг ќе се собереме и ќе продолжиме понатаму со сеќавање на неколку лоши денови и повредена самодоверба можеби не е толку страшно, но со тоа што ќе изградиме таква култура и ќе ги научиме наредните генерации на истото, кои нема да се изградени личности и нив имиџот кој тогаш ќе почнат да го градат ќе им е се, оставаме простор за такви случаи каде некое тинејџерче на кое 1000 твитерџии ќе му викаат дека треба да се убие пошто е глупо и постирало некој dorky статус нема да знае баш како да се снајде.

„Од играчка – плачка“ велат, ама ова се сериозни работи. Твитер е многу непосредна, брза, структуирана комуникација која е одлична платформа за вакво однесување. Македонскиот твитер гледам добро го користи тоа – #анавасилева, #блонди, #кико, #штангла и многу други на кои не ми текнува во 4 сабајле. Многу и не сум видела сигурно, не ми поминале низ тајмлајн.

Зборовите се твојот начин на кој што комуницираш со светот. Твитер е твојот медиум, и твојот збор, огледалото на твојата мисла го пренесува до многу поголема публика. Имаш одговорност пред тоа што му претставуваш на светот, зошто учествуваш во неговото креирање.

И за крај, да се навратиме на едно просто правило кое е златно – „Ако не можеш да се чуеш како гласно го кажуваш твитот пред сите тие луѓе, не го твитај!

Тамара Атанасовска

Преземено од Блогираме.мк