„Блискост“ на Кантемир Балагов апсолутен победник на „Киненова“

Меѓународното жири на чело со турскиот маестро Зеки Демиркубуз, заедно со Росица Валканова и Лазар Секуловски одлучија трите награди на фестивалот „Киненова“ да се доделат на само еден филм.

Наградите за најдобро сценарио, најдобра режија и најдобар филм тие ги доделија на филмот „Блискост“ од Кантемир Балагов.

„Жирито се одлучи да ги даде трите награди на само еден филм, бидејќи потполно се истакна со својот храбар пристап во сите овие аспекти. За импресивниот кастинг за големото артистично и длабоко вистинито раскажување, за емотивниот импакт наградите за најдобро сценарио, најдобра режија и најдобар филм одат за „Блискост“ од Кантемир Балагов“, велат во својата одлука членовите на жирито.

Жирито оддаде Специјално признание за филмот „Без датум и потпис“ од Вахид Џалилванд, за мајсторскиот и минималистичен начин на кој раскажува една комплексна приказна.

Синоќа се заокружи официјалниот дел од програмата на третото издание на „Киненова“, а следните два дена во „Кинотека“ финишираат останатите филмски програми.

Поради технички проблем, кино „Милениум“ не беше во можност да ја одржи проекцијата, пазавршната вечер се префрли во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар.

На затворањето беше прикажан филмот „Ага“, филм на бугарскиот режисер Милко Лазаров, визуелен спектакл кој го затвори годинашното Берлинале, а ја доби и главната награда во август на Сараевскиот филмски фестивал, „Срцето на Сараево“.