Блекбери најави дека веќе нема да произведува телефони

Компанијата Блекбери, која порано беше најголем производител на паметни телефони во светот, објави дека ќе престане со понатамошно дизајнирање на нови модели.

Блекбери нема да создава нови телефони, а производството на досегашните нивни модели ќе го предаде на партнерите.

Со тоа завршува шплекулирањето за тоа што Блекбери ќе прави со својот бизнис на смартфони, кој постепено беше преземен од компании како Епл и Самсунг.

Компанијата се обиде да го заживее бизнисот со други опции, како користење на оперативниот систем Андроид на Гугл за нивните телефони. Но, се чини дека тоа не успеа.

„Компанијата планира да престане со развој на сиот внатрешен хардвер и ќе ја додели таа функција на своите партнери“, изјавил извршниот директор, Џон Чен.

Затворањето на делот од компанијата кој создава телефони, ќе ѝ помогне на компанијата да заштеди на капитал, велат. Наместо тоа, други компании ќе ги дизајнираат и произведуваат, со што се отстранува потребата од инвестиција.

Се надеваат дека ќе заживеат произведувајќи софтвер, наместо апарати.

Блекберито некогаш беше културолошки феномен – инспирирајќи ја „CrackBerry“ идејата за постојана работа, читање мејлови и комуницирање. Стана значаен дел и од личните животи на своите корисници, преку Блекбери месинџер, кој се појави во средината на 2000-тите.

Блекбери е втор иконичен бренд, заедно со Нокиа, кој сега е историја. Сепак, „смртта на Блекбери“ се одвиваше постепено – во 2009 компанијата контролираше 20 проценти од пазарот, а денес опадна на само еден процент, пишува Independent.