Бизнис идејата „Слушни слика“ победник на Наградата за социјално претприемништво

Специјални очила кои ќе им овозможат на лицата со оштетен вид да ги препознаваат објектите кои се наоѓаат во непосредна близина на слепото лице е идејата која го освои првото место на Наградата за социјално претприемништво. На свечената церемонија на првонаградените им беше врачена парична награда од 3000 евра, од страна на Шпаркасе Банка Македонија, како главен партнер на оваа програма.

„Денеска во светот живеат над 285 милиони лица кои имаат трајно оштетен вид или се целосно слепи. Сите знаеме дека овој медицински проблем е речиси неизлечлив, а и во оние ситуации каде има шанси за подобрување, кои се релативно мали, давачките се огромни. Користејќи ги придобивките од технологијата, преку слушалки, корисникот ќе биде известуван за објектите во неговата непосредна близина. Самиот производ е замислено да биде по релативно ниска цена, достапна за секој“, изјави Игор Кировски од победничкиот тим.

 Втората награда во висина од 2000 евра стручното жири ја додели на ресторанот за здрава храна Фрешис, кој има развиено социјален бизнис модел во Македонија и 34% од профитот го донира во општествени цели. Фрешис редовно донира храна за бездомни лица и овозможува попуст за студентите,  а во иднина планира маргинализираните категории на граѓани да ги вклучи како свои соработници. Третото место го освои решението „Сламахер“ кои се залагаат за изградба на енергетски ефикасни домови од сламени бали по достапни цени. Четвртото победничко решение избрано преку он-лајн гласање е проектот „One can make it work”, чиј тим ќе  добие дополнителна менторска и консултантска поддршка од компанијата Конто-Профит.

Покрај победниците, на овој настан свое обраќање имаа и Марија Матовска – координаторка на проектот, Елена Богданова – Директор на Сектор Кредитирање на корпоративни клиенти во Шпаркасе Банка Македонија и член на жирито, Филип Ивановски – извршен директор на Пакомак и член на жирито, како и минатогодишните добитници на Наградата.

Наградите беа доделени од дел од членовите на жирито:  м-р. Благоја  Грозданов –  менаџер, консултант и главен обучувач, Конто Профит, д-р. Димитар Јовевски – доц. професор на Економски факултет – Скопје, Нина Ангеловска – извршeн директор/ ко- основач на Grouper.mk и Елена Богданова – директор Директор на Сектор Кредитирање на корпоративни клиенти во Шпаркасе Банка Македонија.