Битолските средношколци маршираа против лошите образовни реформи

На прв протестен марш поради, како што велат, лошите реформи во образованието, денеска излегоа средношколците од Битола. Маршот започна напладне од средното медицинско училиште, „Д-р Јован Калаузи“, по што средношколците преку Широк Сокак стигнаа до општина Битола. Овде тие ги доставија до надлежните своите две главни барања за укинување на екстернотот тестирање и за враќање на стариот модел на државна матура.

Битолските средношколци денеска се жалеа на притисоци во училиштата и закани со намалено поведение за оние кои денеска ќе излезат на маршот, а на Фејсбук страницата на Средношколскиот пленум Битола беше споделено и видео во кое се гледа како се повикуваат средношколците да се вратат на часови.

Маршот доби поддршка од Младинска Организација при СОЕУ „Јане Сандански” – Битола, како и од  Студентски пленум – УКЛО од каде синоќа упатија повик за што е можно поголема излезност.

„ Ние, како пленум, ќе го поддржиме утрешниот средношколски марш – со присуство! Ве повикуваме да го направите истото. Всушност, наша обврска е да бидеме утре таму. Зошто? Затоа што сè што се случува во образованиот процес, без хиперболизирање и хистерија – се проектира во апсолутно СЕКОЈА пора од општеството. Во здравството, во економијата, во социјалниот живот, во културата – секаде! Затоа, образованието (треба да) има третман на јавно добро. Затоа што сите нè засега – без исклучоци“, пишуваат од битолскиот Студентски пленум.