Битолскиот универзитет ги принудува студентите да плаќаат за Студентски парламент?!

Битолскиот универзитет ги принудува студентите да плаќаат за Студентски парламент?!Илјадници денари за непотребни уплатници се бараат од студентите за да можат да се запишат на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, тврдат студентите од овој универзитет.

Потврда за уплатени 1000 денари за функционирање и развој на Универзитетот, 300 денари за студентски гласила и за други потреби на студентите, 150 денари за солидарен фонд на студентите за Студентски парламент. Ова се само дел од уплатниците кои се наведени во конкурсот за запишување на студенти на прв циклус студии за академската 2013/2014, во делот за запишување на примените студенти на овој универзитет.

„Ве молам обрнете внимание на следнава порака со сериозност која заслужува. Ние студентите по законско и уставно право не сме должни да ги плаќаме личните фондови на поединци кои на среќа или не, се нашите претпоставени декани, неформални организации и слично. Уписите се во тек во Вишата медицинска школа во Битола и долго време, веќе неколку генерации, од страв на професорска одмазда и паѓање на испити, ретко кој од студентите до сега проговорил на оваа тема. Видете ја листата на уплатници со свои очи и преземете ја работата во свои раце така што ќе застанете на страната на студентите. Ниту една од овие уплатници не е задолжителна според законите и особено според новиот закон за високо образование“, се пожалија дел од битолските студенти во Радио МОФ.

Едно од најспорните плаќања кое се бара од студентите е потврдата за уплатени 150 денари за „солидарен фонд на студентите за Студентски парламент за потпорно здравствени, рекреативни, спортски активности за студентите на универзитетот“, кое се врши на жиро сметката на Здружението на Студентски парламент.

Зошто студентите се принудени да уплатат 150 денари на сметката на ова здружение, ако се знае дека според Законот за здруженија на граѓани и фондации, членувањето или донирањето во некое здружение се врши на доброволна основа?

Коментар за тоа каде завршуваат парите на студентите од овие уплатници и зошто од нив се бара да платат средства за солидарен фонд на здружение, побаравме и од Ректоратот на Универзитетот  “Св. Климент Охридски“ – Битола. Оттаму велат дека конкурсот за упис на нови студенти се утврдува на ректорската управа на Универзитетот, по што, во понатамошната процедура добива согласност и од Министерството за образование и наука.

„По одобрувањето од страна на овие највисоки инстанци, неговата содржина влегува во сила. Средствата за функционирање и развој на Универзитетот,  се наменети за исплата на надоместоци за учество во работата на органите и телата на Универзитетот, работни групи и други стручни лица, што е во согласност со  законот за виското образование во делот на функционалната интеграција, со која се обезбедува извршување на 43 заеднички функции. Делот од конкурсот за студентски гласила и други потреби на студентите се наменети за печатење на гласилото: Универзитетски глас, Универзитетското радио УКЛО ФМ во чии содржини партиципираат студентите, потоа за директен интернет пристап, транспорт и опремување на студенти за учество на спортски натпревари и други настани меѓу кои и трошоци за спортската студентска сала. Со сегментот за културно – уметнички потреби на студентите се опфатени реализација на настани и активности на  АКУД „Даме Груев“, Универзитетскиот хор и Универзитетскиот литературен клуб „Дениција“ и други слични дејствувања“, велат од битолскиот универзитет.

Сепак, од универзитетот не добивме одговор за тоа како се користат средствата кои студентите ги плаќаат на здружението Студентски парламент и зошто од нив се бара да ги платат овие средства.

„Во врска со Студентскиот парламент чија сметка се води на Парламентот како правно лице, е организација независна од Универзитетот, која носи посебен Правилник и Статут, за што може да се обратите до претседателот на Парламентот, Кристина Петровска“, велат оттаму.

Иако поминаа неколку дена откако ја контактиравме претседателката Петровска, за да побараме одговор зошто студентите мора да донираат во нивната организација, доколку сакаат да запишат година, засега таа е недостапна за коментар.

Од Министерството за образование и наука, пак, негираат дека тие имаат какво било влијание врз тоа кои уплатници студентите ќе ги уплаќаат на универзитетот.

„МОН само ги утврдува квотите, се друго се прави со одлука врз основа на статутот на универзитетот. Универзитетите сами одлучуваат кои уплатници ќе ги плаќаат студентите“, велат од министерството за Радио МОФ.

Во 2010 година, за слична ставка за плаќање во Студентскиот парламент која се бараше од студентите при Универзитетот Св. Кирил и Методиј, „Слободен Индекс“ поднесе претставка до Уставниот Суд. Тогашниот министер за образование и наука, Никола Тодоров како и ректорот  на УКИМ, Велимир Стојковски тогаш потврдија дека членувањето во Студентскиот парламент е факултативно и студентите доколку не сакаат, не мора да ја плаќаат оваа уплатница. Тогашниот претседател на СПУКМ, Иван Живковски изјави дека студентските парламенти ќе ги враќаат парите на студентите кои тоа ќе го побараат.

Кристина Озимец