Битолскиот театар гостува на фестивал во Подгорица

Ансамблот на Народниот театар – Битола вечерва, 13-ти септември ќе настапи на Интернационалниот фестивал на алтернативен театар-ФИАТ што се одржува во Подгорица, Црна Гора.

На фестивалската сцена битолските актери ќе ја изведат претставата „Хамлет машина“ од Хајнер Милер во режија на Андраш Урбан.

Вечерва е првото од двете гостувања во странство што ќе се реализираат во овој дел на годината. На фестивалот ФИАТ ќе настапат актерите Катерина Аневска, Соња Ошавкова, Петар Горко, Никола Пројчевски, Соња Михајлова, Иван Јерчиќ, Огнен Дранговски, Валентина Грамосли, Илина Чоревска и Борче Ѓаковски. Веднаш потоа во Битола ќе се довршат подготовките за Израел каде на крајот месецот ќе настапате во Тел Авив и ќе ја одиграат претставата „Среќен крај“ на Идо Нетанјаху, истакна Благој Мицевски, уметнички директор на Битолскиот театар.

Меѓународните претставувања ќе ги заокружи актерот Никола Пројчевски кој на покана на Шекспировиот „Глоб театар“ идниот месец ќе учествува во интернационален театарски проект во Лондон.