Битолчани во четврток ќе возат Критична маса – „Снајди се и движи се!“

Велосипедската иницијатива БитолаНаТочак во четврток (27 септември) од битолскиот плоштад „Магнолија“ во 18 часот ќе ја предводи 53-тата Критична маса, овој пат наречена „Снајди се и движи се!“.

Според БитолаНаТочак, нема дилеми дека градот сака да одржлив развој, а еден од клучните аспекти е да согледаат како се движат луѓето во една урбана средина како Битола. Прашуваат – дали граѓаните имаат повеќе можности за движење, дали истите се безбедни, дали се регулирани, дали се испланирани, дали има стратегија за развој на одржливи и зелени решенија во транспортот. Тоа се бројни прашања, велат тие, на кои Општината и другите релевантни фактори во градот треба да одговорат.

„Нашиот впечаток е дека нивото на планирање и регулација на градскиот транспорт во градов е ниско и дека Општината нема стратегија за мобилност на граѓаните и сообраќајни политики, а следствено на тоа ниту цели кои сака да ги постигне. Доколку нема вакви цели, тогаш целите како град ќе ни ги диктираат неразумните учесници во сообраќајот (над 95% во сообраќајот во градов отпаѓа на моторен сообраќај) кои ќе ја користат оваа сива нерегулирана зона во регулативите на градов.

И резултатот ќе е овој кој го имаме:
Опасна пешачка инфраструктура со слаба хоризонтална и ветикална сигнализација, бројни улици без тротоари, окупирани тротоари од возила, бесправно изградени/поставени објекти на самите тротоари или на дел од коловозот, блокирани улици (десна страна) од паркирани возила, широки улици за возилата, а теснење на тротоарите, целосно отсуство на вело инфраструктура, слабо развиен јавен транспорт (пониско ниво дури и од 80тите години на минатиот век), неатрактивна инфраструктура за пешачење (канти, клупи, знаци, зеленило, уреден кеј на реката, повеќе паркови, рекреативни патеки….)“, велат од иницијативата.

Од таму додаваат дека во некои градови луѓето преферираат коли, во некои јавен превоз, во некои пешачење, во некои вело транспорт.

Односно, го преферираат тој превоз кој градот го направил најбрз, најдостапен и најпрактичен. Обезбедил најдобра инфраструктура за него, вложил најмногу во услови за тој тип на транспорт.

„Значи, клучно е каде ќе ги насочиме нашите инвестиции како град. Ако тоа го направиме во градење на вело инфраструктура, тоа секако ќе резултира со зголемување на бројот на граѓани кои возат точак. Ако се во јавен транспорт граѓаните ќе преферираат тоа. Моментално Битола речиси во целост инвестициите ги насочува во авто инфраструктура и резултатот од тоа е тој кој е опишан погоре. Дали можеме подобро? И градови со потесни улици од нашиве успеале да направат поквалитетни можности. Не е до широчината на улиците, туку до приоритетите. Се гледаме во четврток oд 18:00 на Критична маса #53“, соопштува велосипедската иницијатива.