Битолчани излегоа на протестен собир поради загадувањето на воздухот

Со емотивен говор, 35 годишниот Александар Јовановски, болен од малигно заболување на лимфите, ги расплака насобраните битолчани на протестниот собир во Битола, против загадувањето на воздухот, објави „Мета“.

Пред насобраните граѓани, Александар, зборувајќи за болеста и за трагедиите на неколку различни генерации, упати силни пораки до властите за игнорантскиот однос кон загадениот воздух, причините и последиците од него.

„Како да останеме исти после толку загубени животи? Пред еден месец ми дијагностицираа Хочкинов лимфом, лани почина татко ми, па сопругата на мојот другар, па мој пријател. Значи три генерации. За мојата болест, докторите велат дека сум претрпел стресови, сум јадел нездрава храна, сум дишел нечист воздух. Во која земја сум ја јадел таа храна, каде сум го дишел тој загаден воздух? Ова не е мојот град, ова не е мојата Македонија“, зборуваше Александар на синоќешниот собир.

Истовремено со битката против болеста, најави и отворена институционална битка за справување со загадувањето. Прстот го впери во локалните власти, посебно на Битола, Скопје и Тетово, но и во најголемите загадувачи, РЕК „Битола“ и „Југохром“.

-Господине Талески, проблемот со аерозагадувањето и нашиот неквалитетен живот се решаваат долгорочно. Со сериозни студии и експерти, процедурите требаше да бидат завршени. Предоцна е, поминаа десет години, едноставно треба да си одите. Вие сте губитници на темата чист воздух. Затоа ќе бидеме на улиците и во институциите, и ќе ве нервираме на „Фејсбук“ и на „Твитер“. Нема да се предадеме како генерација, ќе се бориме за нашиот живот – рече Александар, кој на крајот побара да се легализира марихуаната за медицински цели.

Од здружението „За нас се работи“, почнаа со потпишување на петицијата која ќе биде доставена до Советот на Општината, за да се изгласа и достави до Владата за справување со аерозагадувањето.

„Се собравме вечерва, за да си дадеме шанса, нам и на своите деца, но се собравме и за сите оние кои не напуштија прерано и си заминаа од овој свет, поради проблемот со загадениот воздух и загадената околина. Состојбата со нечистиот воздух во Битола е аларманта и затоа преминуваме во една нова форма на потпишување петиција. Важно е нашиот глас да се пренесе и да се слушне, затоа не е важно колку не има вечерва“, рече Иван Јерчиќ, од здружението „За нас се работи“.