#БитолаНаТочак: Теснење на коловоз, ослободување на простор и вело-патеки

„Во Битола често ќе слушнеш градот бил многу стар и улиците тесни. Во моментов многу постари градови од нашиов прават итни и огромни зафати со цел мобилност на граѓаните (не на возилата). Еве ова е нов пат. Тазе проектиран и направен. Што може да се забележи од сликата? Туриле афалт со цел максимален простор за возилата“, реагираат од иницијативата БитолаНаТочак.

Оваа ширина на патот, велат тие, гарантира трки со возила и мотори.

„Не само за пристојно поминување. Апсурдно е што не е ниту обележан, а е пуштен во употреба. Видел некој да има пешачки премин некаде? Тротоарите се направени ради реда. Гледате, недоправени целосно, обраснати во треви и трње, заборавени. Пешаците не се битни. А точаците?“, прашуваат вело-активистите. 

Оттука, тие препорачуваат теснење на коловозот со цел намалување на брзината која ја диктира патот. Во ослободениот простор да се изведат вело патеки. Потоа, средување и одржување на тротоарите и подигнување дрворед.

„Овде има премногу асфалт и никој не би пешачел или возел точак во лето ако нема сенки“, забележуваат од иницијативата.

Од БитолаНаТочак периодов реагираа и на сите пречки низ сообраќајните текови. Високи рабници, банкини од 22 сантиметри во строгиот дел од Битола, ги оневозможуваат велосипедистите, но и лицата со физичка попреченост и родители со колички со деца.

„Во нормалните градови изведбата на инфраструктурата е мотивирана од тоа да се охрабрат колку што може повеќе луѓето да пешачат.  По пат прават допадливи работи како широки и удобни патеки, сенки, клупи, цвеќе, фонтани и сл. Прават инфраструктура која ќе ги мотивира луѓето да ја остават колата дома и да возат точак. Прават широки, удобни и мазни вело патеки каде луѓето најпрво ќе се осеќаат супер безбедни, потоа сенки, дрвореди, чешми и сл. Друг принцип што е важен тука е да се отстранат сите можни пречки на патот и спуштени банкини со цел најбрзо пристигање од точка А до точка Б во градот. Ова вклучува и дозвола за точаците да се движат во спротивна насока на еднонасочни улици. Кај нас некако се е испревртено. Кога говорат политичариве зборуваат едно, но реалноста на терен е друго. Битола на пример ако сакаш да возиш точак треба постојано да правиш тргни-застани, качи-слези затоа што ретко каде има спуштени банкини“, реагираа од БитолаНаТочак. 

Исто така, БитолаНаТочак е меѓу велосипедските иницијативи од повеќе градови што се приклучија на велосипедската кампања #МојатаЦрвенаВелоЛинија, за која има и петиција со барања, со цел да се скрене вниманието на политичарите и јавноста кон недостатокот од велосипедски политики, стандарди, инфраструктура.