БитолаНаТочак: Ако им направиш инфраструктура – граѓаните ќе почнат да ја користат

Ај со примери од #Битола да сфатиме како функционираат јавните простори. Не мора со Холандија, Данска или пак од Скопје. Покрај реката во новата пешачка зона и кај горниот пазар поставија клупи. И еве сега граѓаните кои се движат натаму ги користат секојдневно. Некој знаел како функционира јавниот простор. Ако им направиш инфраструктура, урбана опрема… и граѓаните ќе почнат да ја користат, соопштува иницијативата БитолаНаТочак.

Од вело-иницијативата прашуваат – оти никој не рече дали има потреба за ова? Како ќе знаеме, кога не гледаме дека има полно граѓани кои седат на земја?

„Не, туку оти на некој во општината му текнало овој простор да го направи поблизок до граѓаните ставиле 5-6 клупи, некоја корпа за отпадоци и еве и секој ден луѓето седат таму. Ако направат повеќе, уште повеќе граѓани ќе го користат. Имаш слободен простор во центарот на градот. Пример, урнатите бараки на поранешно УЈП или пак Паркингот/Плоштад Гоце Делчев или бројните запуштени детски паркчиња низа градов или било кој друг простор. План А правиш паркче, со убава трева, дрвца, зеленило, урбана опрема. Добиваш граѓани кои доаѓаат со нивните деца да олабават, да се дружат едни со други и да уживаат во тоа. План Б правиш убав и бесплатен паркинг. Добиваш полно коли во тој дел од градот, а граѓаните од претходниот пример идат со колите до парк“, велат вело-активистите.

Гледано вака, потенцираат тие, не може потребата за вело-патеки да се согледа врз основа на тоа колку луѓе моментално возат точак. Наше е, дополнуваат, да се постави за цел колку луѓе би се виделе дека возат точаци, надевајќи се дека за во град ќе остават коли што позитивно ќе влијае како за Битола, така и за самите граѓани кои ќе возат точак

„Потоа треба да направиме предуслови за да го овозможиме тоа. Колку повеќе вело патеки ги има во градов и побезбедна вело инфраструктура толку побрзо ќе си ги реализираме нашите цели – поздрави граѓани кои брзо стигаат од едно место на друго“, сметаат од БитолаНаТочак.

Од таму потесетуваат да не се заборави што кажуваат бројките. Огромниот број на коли во градот, потенцираат активистите, не значи дека луѓето навистина имаат толкава голема потреба од колите.

„Тоа единствено значи само дека има голем број на луѓе кои секој ден имаат потреба да се движат од едно до друго место. Е сега како Општина Битола ќе им го овозможи тоа на граѓаните е веќе друго прашање и политика на градот. Какви цели си поставуваме?“, прашуваат од БитолаНаТочак.