Битола по седми пат на глобалната мапа за одбележување на Меѓународниот ден на џезот

Со концерт на Оливер Јосифовски Квартет, вечерва МКЦ – Битола по седми пат се приклучува во одбележувањето на Меѓународниот ден на џезот – 30-ти април.

Концертот ќе се одржи во кафе бар Камарите во Битола. Почетокот е во 22 часот, а влезот е бесплатен за посетителите.

„Младински културен центар – Битола (официјален УНЕСКО младински клуб),  реализира континуирани активности во текот на целата година во насока на промовирање на човековото достоинство и охрабрување на дијалогот и разбирањето помеѓу културите и цивилизациите. Овој концерт по седми пат ја става Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Битола ја ставаме на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани“, велат од МКЦ – Битола.

Настанот е дел од глобалната акција за прослава на Меѓународниот ден на џезот кој вклучува настапи и концерти во преку 190 земји во светот. Глобален град домаќин на главниот настан за 2019 година е Мелбурн, Австралија. Овој ден ги сплотува нациите и општествата прославувајќи ја уметноста на џезот, потенцирајќи ја неговата важна улога во охрабрувањето на дијалогот меѓу културите и цивилизациите, промовирајќи го човековото достоинство.