Битола оставена на милост и немилост од неколкумина

,,Заштитата на животната средина и заштитата на флората и фауната на овој простор треба да имаат доминантна улога затоа што овој простор со делот од досега користениот простор на Тумбе кафе би требало да биде една интегрална целина во која зелените површини и пошумениот простор треба да има доминанта карактеристика.”

-Извештај за стратегиска оценка на животната средина за детален урбанистички план за ,,Касарна Битола” АРМ четврт 1,2,3. Општина Битола, Плански период 2010-2015

,,Секој човек има право на здрава животна средина. Секој е должен да ја унапредува и штити животната средина и природата. Републиката обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина.”

-Член 43 од Уставот на Република Македонија

Вака пишува во Уставот-највисокиот правен акт на нашата држава, а очигледно надлежните овој член го заборавиле.

Битола оставена на милост и немилост од неколкуминаНеодамна бевме сведоци на масовните протести во Турција кои се организираа поради ОБИД на власта да уништи еден од парковите во Таксим. На тие протести се приклучија илјадници граѓани, а кога во Скопје се сечеа дрвја со полициско присуство во доцните вечерни часови на тоа реагираа мал број на граѓани, а во медиумите-молк.

Во Скопје барем неколкумина граѓани реагирале, малку- но ги имало, но што се случува во Битола? Во областа на старата Касарна, а сега по ново ,,Златен рид” дрвја се сечат континурано, среде бел ден, без придружба од полициски сили, и никој не реагира! Апсолутно никој! Старата Касарна преку проектот ,,Златен рид” треба да се претвори во елитна населба, со факултети, училишта, згради за јавната и државната администрација и други институции. Тоа сето е одлично и амбициозно, такво нешто навистина и треба на Битола, но дали по цена на тоа да биде буквално „ошутено“ местото? И тоа не е се!

Додека во Битола се сечат дрвја како да е тоа најнормална и секојдневна работа, паралелно ,,се расипуваат” мерните станици за квалитетот на воздухот и тие покажуваат 10 до 20 пати поголема загаденост на воздухот од дозволеното со ситна прашина. Првиот пат официјалниот став беше дека се расипани мерните станици, но потоа и по поправката на тие станици резултатите останаа алармантни и загрижувачки. Проблемот со загаденоста на воздухот во Битола се најде и како точка на дневен ред на Советот на Општина Битола. Оттаму советниците едногласно прифатија да побараат дополнителни информации од одделението за заштита на животната средина при Општина Битола –  и толку. Официјален став сеуште чекаме.

,,Општините се надлежни за вршење на следните работи: 2. Заштитата на животната средина и природата- мерки за заштита и спречување од загадување на водата, воздухот, земјиштето, заштита на природата, заштита од бучавата и нејонизирачкото зрачење. “

-Член 22 од Законот за локална самоуправа, листа на надлежности.

Се одлучив да ги интервјуирам советниците за заштита на животната средина (двајца советници кои се дипломирани инженери – архитекти) и овластениот инспектор за заштита на животната средина (еден инспектор за цела територија на Општина Битола) вработени во државната администрација на Општина Битола.

Од таму во врска со загадувањето на воздухот останаа на ставот дека мерните станици за загаденост на воздухот биле расипани, а на прашањето како Општината ќе ги заштити постоечките зелени површини одговорија дека на оние места каде што има маркица за градба дрвјата ќе бидат исечени, а на оние места каде што нема маркица за градба, а има дрвја- таму дрвјата нема да се сечат.

Овластениот општински инспектор за заштита на животната средина ме информира дека редовно е на терен и врши инспекциски контроли согласно своите законски надлежности, но е невозможно еден инспектор да постигне на целата територија на Општина Битола.

Исто така се обратив и до Комисијата за заштита на животната средина при Советот на Општина Битола. На прашањето за воздухот во Битола ми одговрија дека чекаат официјални информации од Центарот за јавно здравје, а на прашањето за тоа како Советот изгласал Детален урбанистички план каде што се овозможува сечење на дрвја ме упатија да се обратам кај претходниот состав на Советот на Општина Битола, бидејќи тој ДУП бил изгласан во нивниот мандат. Сите надлежни ги информирав за тоа како останатите држави кога треба да градат на места кај што има дрвја, наместо да ги сечат тие ги ПРЕСАДУВААТ дрвјата на други места. Едно специјализирано возило го зема дрвото од местото предвидено за градење и го носи на друга слободна локација и таму дрвото се поставува- така никој не е оштетен. Зошто и ние да не функционираме на овој начин?

Така се поставува прашањето-  кој е одговорен за заштитата на животната средина за градот под Пелистер? Сечените дрвја не може сега да ги залепат, истото важи и за воздухот во Битола кој не знаеме дали е загаден- не е загаден, од што е загаден.

Цело лето чекаме некаков став- сериозен и експертски, можеби и ќе го дочекаме. Воздухот го дишат и луѓето на власта и оние на опозицијата, и неопределените, и христијаните и муслиманите и атеистите и будистите- СИТЕ го дишеме овој воздух кој сеуште не знаеме каков е, а во меѓувреме и оние малку дрвја кој што останале во Битола безмилосно се сечат.

Како млад човек сум гневен на оваа незаинтересираност и од надлежните институции (кои си се самопрогласуваат за ненадлежни), но и од незаинтересираноста и индиферентноста на граѓаните. Се прашувам уште што треба да се случи за да се зголеми граѓанската и еколошката свест кај нас? Ова да се случуваше на некој друг дел од Земјата до сега ќе имаше вистинска револуција, кај нас ни абер-ни глас. Ништо.

Александар Ташковски

Млади репортери за животната средина