Биткоинот вреди повеќе илјада долари првпат после 2013 година

Криптовалутата биткоин вреди точно 1023 долари, цифра до која се нема ни приближено од декември 2013 година.

Ројтерс јавува дека валутата се искачила за 125 проценти минатата година. И покрај големите инциденти кои можеа да го оштетат статусот на биткоинот, како тврдењето на австралискиот криптограф Крег Рајт дека е Сатоши Накамото, креаторот на биткоинот, и кражбата на 65 милиони долари во биткоини од платформа за размена минатиот август, електронската валута е во пораст.

Можно е вредноста на биткоинот да порасна поради зголемена побарувачка за него во Кина, држава во која се верува дека има најголема трговија со биткоини.

Најголемата вредност која биткоинот ја има постигнато досега е 1163 долари.