Изградбата на две улици во исто време им го наруши раатот на дебармаалци. Паркинг нема ниту за лек. Новата ревизија во Центар, пак ги налути дел од станарите на „Максм Горки“. И тука паркингот е сериозeн проблем. Жители од двете локации го контактираа Радио МОФ, за да видиме каде е проблемот.
Станарите од зградата 14 на улица Максим Горки, велат дека имаат долгогодишен проблем за користење на паркинг на улицата. Тврдат дека на станари кои со децении живеат тука, им било забрането да се паркираат до домот, додека на нивно место надлежните им дозволиле паркирање на лица кои работат, а не живеат во близина. Станарите додаваат дека кон средината на март оваа година, требало да достават на увид потребна документација за дозволи за паркирање, но на шалтерот биле известени дека од 1 април, зградите број 14 и 16 на улица Максим Горки имаат забрана за паркирање на паркингот на улицата.
„Само станарите од зградата број 14 и 16, за кои не се издадени паркинг дозволи, имаат забрана за паркирање на улицата на која живееме (паркиралиште Максим Горки А06) и ќе можеме да се паркираме преку две улици, на паркиралиштето А5, за кое досега имавме усна дозвола дека ако не можеме да најдеме паркинг на А06 дозволено е да се обидеме на А5, но секогаш безуспешно бидејќи истото е преполно. Значи, сите останати жители на улицата ќе продолжат да се паркираат тука, вклучувајќи ги и жителите на споредните улички до Максим Горки, а само ние како жители на зградата број 14 не смееме да користиме паркинг на улицата на која живееме“, велат тие.
Станарите велат дека се обратиле во ЈП Градски Паркинг, од каде, како што велат, им било образложено дека се остава простор за издавање нови станарски дозволи, дозволи на лица кои работат во близина, како и за поголемо комерцијално работење на претпријатието на улицата.
„Да потсетиме дека основно станарско право е да се паркираме на улицата на којашто живееме, а дополнително претпријатието може да врши комерцијално работење. Во случајов, комерцијалното работење е над нашето право за паркинг, но само за мал дел од корисниците (жителите на нашата зграда, во која дел од нас живееме и преку 50 години“, велат тие.
Од Град Скопје, велат дека преку ЈП „Градски паркинг“, се организира паркинг на голем број локации. Уверуваат дека ќе има паркинг за станарите, без да прецизираат за кои згради, и на кои паркинзи.
„На конкретните локации нема да има промена на системот, и сите станари ќе можат да го користат паркингот на Максим Горки, но само за тие кои ги исполнуваат условите за категорија „станар“, согласно правилникот за станарски дозволи. Од тие причини деновиве од ЈП „Градски паркинг“ контактираат со жителите на објектите во овој реон со цел да спроведат ревизија (ажурирање) на станарите кои имаат право да го користат овој паркинг, бидејќи истата не е извршена подолг временски период“, велат од Град Скопје.
Паркинг нема ниту на улицата „Аминта Трети“, односно „Ленинова“
Поради градежни дејности на улица Орце Николов, улицата Аминта Трети, која деновиве си го врати старото име „Ленинова“, времено е прогласена за двонасочна, наместо еднонасочна улица. Станарите од улицата реагираат на ваквата промена, бидејќи и овде паркирањето стана невозможна мисија.
Иван К. е долгогодишен станар во зграда на улица Чедомир Миндеровиќ, споредна улица на „Ленинова“. Тој вели дека проблемот со метежот и недостатокот на паркинг места бил донекаде решен со одлуката од пред неколку години кога улицата станала еднонасочна, но временото решение повторно ги отворило старите рани.
„Со времената промена на улицата се направи повеќе метеж отколу решение. Бидејќи не е дадена алтернатива за тргнатите паркинг места од улицата, резидентните улици се преполнија со нерезидентни автомобили. Раскрсницата на која се врши изведба е заглавена од лошиот избор за пренасочување и промената на насока на движење, а не поради зголемен метеж”, вели тој.
Од Град Скопје не упатија до Општина Центар и МВР, велејќи дека преку нив се контролираат целосните или привремените сообраќајни режими.
„Град Скопје нема врска со промената на сообраќајниот режим на улицата Аминта Трети (Ленинова). Согласно нашите информации, истото е привремено и се спроведува како дел од проектот кој го реализира Општина Центар за реконструкција на улицата Орце Николов“, велат оттаму.
Од Министерството за внатрешни работи пак, не известија дека се изведуваат градежни работи врз основа на Одобрение за времена измена на режимот на сообраќај и од тие причини е извршена времена измена на режимот на сообраќај на улицата „Аминта Трети“,
„Сообраќајниот режим е променет од еднонасочен во двонасочен кој ќе важи се до завршување на градежните работи на ул.„Орце Николов“, а потоа ќе се воспостави стариот режим на сообраќај“, велат од МВР.
Граѓаните сега коментираат дека и покрај времената одлука, проблемот што го имаат со метежот и паркингот на „Ленинова“ е многу голем.
„Временото решение иако во теорија би требало мене да ми е корист бидејќи не кружам, ме остава заглавен во огромен метеж во кој никој не ги знае новите насоки на движење. Тоа допринесува времето за враќање од работа да се зголеми тродупло, за на крај да стигнам на улицата и да немам каде да паркирам. Секојдневно треба да комуницирам со надлежниот работник од ПОЦ, а и пајак службите“, вели Иван.
Општина Центар е една од најгусто населените места во Скопје. Проблемите со паркингот се присутни две децении.
И.С.