Бит Фест денеска: детска претстава, изложба, џез концерт и арии

Битолската културна манифестација Бит Фест денеска ќе понуди разнородна програма. Од 8 до 22 часот на плоштадот „Магнолија“ ќе се одржува мини-саемот на книгата, кој се одвива и изминативе денови. Од 20 часот на големата сцена во Центарот за култура, во рамките на четвртиот Интернационален детски театарски фестивал „Битолино“, Детски културен центар од Белград, Србија, ќе ја изведе претставата „Алиса во земјата на чудата“. Тоа е првата претстава на годинашното издание на фестивалот.

Бит Фест денеска: детска претстава, изложба, џез концерт и арии

Во 20 часот во Изложбен салон на Завод и музеј – Битола ќе биде отворена изложба на  Леополд Форстнер.

Станува збор за офицер и уметник на Виенскиот Југендстил на Балканот. За време на Првата светска војна, Леополд Форстнер (1876-1936) на коњ, пешки или со брод, скоро две години престојувал на Западен Балкан. Како офицер на К.И.К армијата на Австро – унгарската монархија, тој ја пропатувал територијата на денешна Албанија, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија. Неговата задача била да се направи документација за културата на споменатите окупирани области од Австро – унгарската армија.

Форстнер важи за еден од најпознатите претставници на младата генерација на Виенскиот Југендстил. Тој работел како графичар, дизајнер и сликар. Посебно и единствено место имал како уметник со стакло и како уметник – мозаичар, со што се јавува како партнер на големите уметници Густав Климт, Коло Мозер и Јозеф Хофман. Во светски рамки најпознатите дела, воедно, референци на Југендстилот, каде што како изведувач, во значајна мерка се јавува Форстнер, се ѕидните мозаици во палатата „Штоклет“, во Брисел (Климт и Форстнер), витражите во црквата Штајнхоф во Виена или мозаиците во бањата „Дијана“.

Сепак, неговата интернационална кариера, во нејзините зачетоци, беше спречена со започнувањето на Првата светска војна. Од неговата авантура на Балканот, тој изработил и оставил повеќе од 100 цртежи со молив во голем формат, дел од нив колорирани и околу 50 фотографии.

Од 20.30 часот во Концертна сала на Завод и музеј – Битола, пак ќе се одржи концерт на класична музика и оперски арии. Ќе настапат Билјана Трајковска – сопран и Билјана Димовска – пијано.

 Од 21 часот во Магаза ќе се одржи концерт на  „Џез сценарио“. Битолскиот состав „Џез сценарио“, вклучувајќи ги веќе познатите преработки на џез хитот „Lullaby of Birdland“ и „Samba do Avião“, ќе изведе 10 композиции кои се преработки и аранжмани на основачот и уметнички раководител на бендот, Вангел Мажевски.

 Покрај Мажевски, кој свири на пијано, во групата се и вокалот на Денис Алитовски, басот на Дарко Бошков, тапаните на Методија Мешковски, гитарата на Методија Здравевски, трубата на Диме Цветковски, алт саксофонот на Марјан Будиноски, тенор и алт саксофонот на Мирко Митровски и тромбонот на Гоце Костурски.

Од 21 часот во Камарите ќе се одржи промоција на документарниот филм „Ноќ со металманија“.

Извор