Бисера Шегмановиќ во Влада: Дојдов за да продискутираме за моменталната состојба во образованието

Почитувани Владини претставници, почитувани присутни.  Поминале долги години од кога Вие сте ги напуштиле училишните клупи, па затоа, лично, но и од името на моите соученици од целата држава, дојдов за да продискутираме за моменталната состојба во образованието.

Најголемиот проблем со кој ние моментално се соочуваме е квалитетот на образованието. Не можеме да преминеме кон повисоки цели кога се уште имаме неопремени училишта, во кои учениците немаат пристап до тоалети, опремени училници, греење, а воопшто и да не зборуваме за нова технологија. Здружението на млади аналитичари и истражувачи од Скопје во нивната студија „Инфраструктурен развој и техничко-технолошка опременост во основните училишта во Република Северна Македонија” не запознаваат со поразителниот факт дека во нашата држава постојат 19 училишта изградени пред 1930 година од кои 5 се изградени пред 1900 година. Во 17 училишта воопшто не постојат библиотеки, а во оние во кои постојат, фондот на книги е сиромашен. 28 училишта немаат основни помагала како проектор или уред за печатење.

Од друга страна, постојат и училишта кои се опремени со технолошки уреди, како смарт табли, но професорите не се доволно стучно обучени за да можат да ги применат. Тие користат застарени наставни планови и методи кои не се ефикасни. Повеќето од часовите се сведуваат на предавањето на професорот, додека ние учениците сме пасивни слушатели. Не постои простор каде ние можеме интерактивно да се вклучиме во текот на часот и да создаваме свои ставови и мислења во однос на одредени теми.

Но, професорите и наставните методи не се единствените виновници. Ние се соочуваме со проблеми при учењето поради учебниците кои најчесто ни недостасуваат или се застарени. Според анкетата спроведена од Сојузот на средношколци во текот на минатите 2 месеци утврдено е дека на еден ученик во просек му недостасуваат од 2 до 3 учебника. И оние учебници кои ги имаме не ја рефлекрираат реалноста во која живееме. Најчесто повеќето од нив имаат застарени содржини поради фактот што тие се издадени пред повеќе од 10 години. Јас доаѓам од Средното економско правно училиште каде што на пример учебникот по предметот јавно право го опфаќа стариот кривичен систем кој сите знаеме дека повеќе не е во употреба. Ситуацијата е слична и во многу други образовни институции,  меѓу кои и  во медицинските училишта каде што учебниците не ги прикажуваат новите медицински откритија.

Исто така, образованието не е само теоријата. Најчесто за нас најуспешна е комбинацијата на теорија и пракса. Но, ние немаме доволно практична настава каде би можеле да ги надоградиме нашите практични вештини, а дополнително и самите училишта не поседуваат опрема која соодвествува со потребата за спреведувањето на овие практични часови. На пример, нашите училишта не поседуваат доволно опремени лабаратории, кои нам би ни помогнале полесно да го сфатиме материјалот.

Најголемиот показател за неквалитетот на нашето образование кој што произлегува од сите проблеми кои претходно ги споменав е Писа тестирањето кое покажува дека ние  се наоѓаме  на 68 место од 72 држави. Ова тестирање само ја подржува хипотезата дека ние сме функционално неписмени. Во просек ние заостануваме 4 години од учениците од другите држави како што се Словенија, Белгија, Естонија и други. Според индексот на Светска банка за човеков капитал за 12 годишно школување, нашите ученици добиваат еквивалент на 8 години учење.

Затоа од суштинска важност се реформите во образованието. Имаме есенцијална потреба од инвестиции во училишните простории и опрема. Потребно ни е да  учиме во училишта кои се опремени со сите потребни материјали, кои ќе ни овозможат пристап до квалитетно образование. Професорите треба да бидат дообучени како да работат со новите технологии, но и како да не мотивираат активно да се вклучиме во текот на часот. Потребни ни се инвестиции во нови учебници, но и во практични помагала и зголемување на практичната настава.

Покрај сите овие проблеми, дискутабилно е и прашањето дали сите ние имаме еднаков пристап до образованието. Чест пример е професорите во помалите средини да предаваат повеќе предмети, додека оние во поголемите го предаваат исклучиво предметот за кои се стручно обучени. Затоа е потребна и инвестиција во дообука на стучен кадар, со цел квалитетот на образованието да биде ист без разлика во каква средина живееме.

За крај, почитувани министри, почитуван премиере, зошто постои образованието? Тоа не постои само за нас да не обучи да станеме дел од пазарот на трудот. Образованието постои за од нас да направи активни граѓани кои ќе придонесуваат за општеството. Затоа ни се потребни промени, промени во кои и ние ќе бидеме консултирани и ќе можеме да бидеме активни чинители за да изградиме подобро место за сите. Ви благодарам.

*Говорот беше кажан на средбата „За децата, од децата“ на деца и млади со премиерот Зоран Заев, министри и членови од Владата по повод Светскиот ден на децата и 30 годишнината од усвојувањето на Конвенцијата за правата на децата на ОН