БИРН: Рудникот „Казандол“ може да се затвори поради прекршување на договорот

Владата има основ да го прекине договорот за „Казандол“ поради неисполнети услови, поради постоење сериозни сомневања дека концесијата е добиена противправно, но и дека различни институции имале контрадикторни наоди за изградбата на погонот за производство во рудникот, открива истражувањето на Балканската истражувачка мрежа (БИРН).

Според информациите на БИРН, концесионерот не го исполнил еден од основните услови наведени во договорот – во рок од две години да изгради постројка за експлоатација на катоден бакар со капацитет да процесира најмалку 50% од експлоатираната руда.

БИРН дошле до контрадикторни наоди во записниците на државните институции кои го контролирале рударскиот комплекс во близина на Валандово. Додека Инспекторатот за животна средина утврдил дека погонот не е завршен, извештај на Државниот инспекторат за техничка инспекција, направен еден месец претходно, констатирал дека изградбата на погонот е завршена.

Во истражувањето е наведено и дека до македонското Јавно обвинителство е поднесена пријава за основано сомневање за сторени кривични дела во постапката, во која се наведени низа недоследности во водењето на постапката.

Иако премиерот Зоран Заев, во кампањата за локалните избори, изјави дека ќе биде стопирана изградбата на „Казандол“ и другите рудници во регионот, засега Владата не направи конкретни чекори во исполнување на таа заложба.

Граѓаните од југоисточниот дел на Македонија излегоа на повеќе протести против отворањето рудници, а минатата година против „Казандол“, „Иловица“ и евентуално отварање други рудници, жителите на засегнатите општини се изјаснуваа и на референдуми. Гевгелија, Богданци и Дојран одржаа успешни референдуми, додека изјаснувањето во Валандово, Босилово и Ново Село пропадна поради тоа што на гласањето не излегоа повеќе од половина од запишаните гласачи во избирачкиот список.