Биоинформатичарот Петар Стојанов го доби признанието „Најдобар млад научник“

Биоинформатичарот Петар Стојанов кој е вработен на факултетот по Медицина на Харвард годинa го доби признанието „Најдобар млад научник“ за 2013 година што го доделува претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.

Биоинформатичарот Петар Стојанов го доби признанието „Најдобар млад научник“

„Годинава наградата „Најдобар млад научник“ ја доделуваме на досега најмладиот добитник, Петар Стојанов кој има неполни 26 години. Пред него се години и години научна работа. Со самото тоа што своето образование и професионалната кариера Стојанов ја минува во САД, покажува дека за квалитетот и за отворениот ум не постојат граници и бариери. Се надевам дека покрај интернационалната кариера ќе имаме можност многу почесто да го гледаме и во неговата матична земја“, истакна Иванов.

Младиот научник Стојанов пак се заблагодари за наградата и посочи дека ова е мотив за повеќе да придонесе за напредок на науката и образованието во Македонија.

„Учеството во научниот процес на светско ниво е прекрасна дејност, исполнета со интердисциплинарна соработка, елегантна методдологија, продлабочено знаење, компетитивност, и што е најважно – возбудливи пронајдоциод огромно потенцијално значење за општеството. Иако сум само во почетните фази од моето научно искуство, пресреќен сум што имав можност да придонесам за унапредување на моето поле на интерес“, рече Стојанов.

Тој по средното училиште РЈ Корчагин во Скопје, образованието го продолжил и дооформил во САД. Член е на една од водечките групи во областа на бионформатиката, која се занимава со развивање нов пристап во анализата на карциномот, што претставува револуционерен пристап во основните познавања на оваа болест. Работи на Медицинскиот факултет на Харвард Универзитетот. Досега има објавено трудови во врвни научни списанија. За последните три години коавтор на вкупно 23 научни труда.

Признанието го понесе во конкуренција на 17 апликанти кои конкурирале на за „Најдобар млад научник“ за 2013 година. Досега ваквото признание од 2010 година го добија младите научници Никола Златанов, Трифче Сандев и Катерина Бачева.