На неколку локации во Скопје осамнаа билборди со натписот „15 јули – Демократијата победи”, кои ја слават годишнината од неуспешниот обид за воен удар во Турција. Нивното поставување наиде на критики во јавноста, бидејќи како демократски се одбележува настан кој беше повод за масовни апсења во Турција, силни протести и низа сериозни прекршувања на човековите права во земјата.
За професорката и комуниколог, Жанета Трајковска, поставувањето на вакви билборди претставува пропаганда која треба да ја убеди, пред се турската заедница во Македонија, во вистината која ја пропагира актуелниот претседател на Турција, Реџеп Таип Ердоган.
„Мотивот е едноставен. Турција има свои граѓани тука кои студираат но ние имаме и турска заедница. Ова е првенствено наменето за нив. Вториот мотив е да се влијае на јавното мислење во Македонија и повторно да се потенцира ердогановата вистина дека лани имало пуч. Тоа што Ердоган решил оваа „вистина“ да ја сподели надвор од Турција е невообичаено, но очекувано од него.
Дефинитивно се работи за пропаганда која Турција континуирано ја испраќа кон целиот свет, иако дома додека има голем опозициски протест, како на пример тој пред неколку дена во Истанбул, телевизиите емитуваат документарни програми и не известуваат за овој огромен настан. Балканот е во интерес на Турција и тоа се гледа во минатите години. Ердоган се фокусира кон овој регион се повеќе и сака да ја пропагира и манипулира јавноста за да има силна поддршка“, анализира Трајковска.
За политикологот Здравко Савевски, недозволиво е преку билборди да се шири пропаганда на друга земја, или како што ја нарекува, пропагандата на Ердоганова Турција.
„Во Турција државниот удар од минатата година беше искористен од страна на режимот да се засили репресијата против сите што не се согласуваат со Ердоган. Неброени илјадници луѓе беа отпуштени од работа и завршија во затвор. И сето тоа сега се продава како победа на демократијата? Во една демократска земја вакви работи не смеат да се дозволат. Тоа што билбордите се во приватна сопственост не значи дека се’ им е дозволено да прават за пари. Власта мора да реагира. Не смее да дозволи пропаганда на сопствената територија од странска држава. Треба да ги искористи своите надлежности овие билборди под итно да се отстранат, а ако немаат надлежност, тогаш треба под итно да пристапат кон менување на законите, правилниците или одлуките на општините за да ја стекнат таа надлежност“, дециден е Савевски.
Зад поставувањето на билбордите стои Турската агенција за координација и соработка (ТИКА). Освен на македонски, напишани се и на турски, албански и англиски јазик. Во рамките на одбележувањето на првата годишнина од неуспешниот обид за државен удар во Турција, во неколку градови во Македонија во текот на наредните денови се најавени повеќе информативни, научни и културни настани.
Неуспешниот обид за воен удар во Турција се случи ноќта на 15 јули кога воени офицери сакаа насилно да ја преземат власта во земјата. По настанот, во хајката што ја покрена владата беа уапсени повеќе од 50 000 луѓе, а 140 000 беа разрешени или суспендирани за време на вонредната состојба во државата. Затворањето на актвистите за човекови права и водечки новинари предизвика интернационална осуда.