„Bikes vs Cars“ – проекција на документарен филм во Кинотека

„Bikes vs Cars“ (Велосипеди наспроти автомобили) е американски документарец за велосипедите и нивниот потенцијал како алатка за промена чија проекција е најавена во Кинотеката на Македонија, на 3 март.

Филмот го потенцира конфликтот во градовите помеѓу велосипедите, автомобилите и зголемената зависност од фосилни горива. Исто така зборува за тоа кое е местото на одржливите начини на превоз во политиките и на улица, како се трансформираат градовите под влијание на различни притисоци и интереси, но поради подигнувањето на јавната свест.

Настанот го организира групата „НаТочак“, од каде појаснуваат дека во филмот лесно може да се препознае и Скопје.

„Во ситуација со сè поголеми гужви и нездраво долго време поминато во кола, климатски промени и жртви на улиците, се сфаќа дека не постои град во светот кој квалитетно го решил прашањето на мобилноста базирајќи се само на автомобилот. Се случува промена на парадигмата паралелно на повеќе меридијани во светот. А промената почнува од долу, од обичните граѓани! Го имаат велосипедот како алаткa“, велат од „НаТочак“.

Почетокот на проекцијата е најавен во 20 часот.