Бијонсе, Тејлор Свифт и Били Ајлиш го одбележаа 63. издание на наградите „Греми“

Центарот за конвенции во Лос Анџелес, Калифорнија во САД синоќа беше домаќин на 63-то доделување на музичките награди „Греми“, каде Teјлор Свифт и Били Ајлиш ги освоија главните награди, а Бијонсе ја одбележи ноќта откако победи во четири од девет категории.

Таа ги освои наградите за најдобра ар-ен-би изведба за 2020 г. („Black parade“), рап-изведба, за дуетот „Savage“ со Меган ди Сталион, најдобра рап-песна и наjдобро музичко видео, за „Brown skin girl”, песна која е дел д саундракот за „Lion King“.

Бијонсе ги зголеми бројот на победи во кариерата и се искачи до 28-та, надминувајќи го претходниот рекорд на „Греми“ за женски изведувач поставен од пејачката Алисон Краус. Севкупно, Бијонсе се израмни со продуцентот Квинси Џонс, а апсолутен рекордер е унгарско-британскиот диригент Георг Солти, кој има освоено 31 „Греми“ награда.

Поп-пејачката Тејлор Свифт стана првата пејачка на која трипати ѝ е доделено „Греми“ за најдобар албум. Година и беше врачена награда за албумот „Folklore“, кој го сними за време на вонредните ситуации поради пандемијата на коронавирусот. Пред тоа, само пејачите Френк Синатра, Пол Симон и Стиви Вондер беа наградени трипати за најдобар албум на годината.

„Everything I Wanted“ на Били Ајлиш освои „Греми“ за издание на годината. Младата уметница освои награда и во категоријата најдобра напишана песна за визуелни медиуми, односно во нејзиниот случај, песна за филмот „No Time To Die“ за славниот агент 007 – Џејмс Бонд, што е последното продолжение на франшизата.

Британецот Хери Стајлс победи во поп-соло категоријата за изведба на „Watermelon Sugar“, што е и негово прво „Греми“.

На социјално дистанцираната церемонијa, која вклучуваше настапи во живо и претходно снимени настапи, авторите на „I Can’t Breathe“ – Дернст Емил, Х.Е.Р. и Тијара Томас – победија во категоријата песна на годината. Песната е напишана како одговор на движењето „Black lives matter“, кое минатото лето се прошири низ САД и целиот свет по убиството на Џорџ Флојд од страна на полицаец.

Најдобри рок-изведувачи се Фиона Епл и Боди Каунт. Најдобра рок-песна е „Stay high” на Британи Хауард.

Најдобар албум во областа  на денс и електронската музика, е „Bubba” на Кејтранда, додека најдобар рап албум – „King’s desease” на Нас.

Британската пејачка Дуа Липа освои „Греми“ за најдобар поп-вокален албум за „Future Nostalgia“ и говореше за вредноста на музиката во тешки времиња.

Водител на овогодинешните Греми награди беше комичарот Тревор Ноа, кој низ шоуто се занимаваше со актуелни теми. Се пошегува на сметка на британското кралско семејство, додека „Греми“ наградите ги окарактеризира како „најголемиот настан оваа година, освен немирите во Капитол“.

Исто така, доделувањето го спореди со редок настан во кој „бело нешто што влегува во носот на учесниците не е кокаин, туку стапче за брис од кој се зема примерок и се тестира за коронавирус“.

Целосната листа на наградени може да се види ТУКА.
Фото и видео: grammy.com