Биг Бен нема да чука во наредните четири години

Отчукувањата на Биг Бен, ѕвоното во саат-кулата над Куќите на Парламентот во Лондон, нема да се слушаат во наредните четири години, поради поправки.

Кулата Елизабет, дом на ѕвоната кои го сочинуваат Големиот часовник и најфотографираната зграда во Велика Британија, ќе биде реставрирана.

Додека траат поправките, од пладне на 21 август, понеделник, едночасовното отчукување на ѕвоното ќе биде паузирано до 2021.

Стив Џегс, кој го одржува часовникот, вели: „Ја имам големата чест да се осигурам дека ова прекрасно парче на инженерство од Викторијанската ера е во најдобра состојба секој ден. Оваа значајна програма ќе го заштити часовникот на долг рок, како и неговиот дом – Кулата Елизабет“.

Јавноста е повикана да го одбележи моментот, преку собирање пред Плоштадот на Парламентот, за да ги слушнат последните одѕвонувања на Биг Бен до 2021 година.

Големото Ѕвоно, популарно наречено Биг Бен, тежи 13,7 тони и чука на секој час. Го придружуваат четири помали ѕвона, кои тежат меѓу еден и четири тони, и чукаат на секои 15 минути.

Биг Бен ги одбележува часовите со речиси непрекината служба веќе 157 години, а последен пат бил поправан во 2007 година. Ѕвонењето прекинало и меѓу 1983 и 1985 година, поради реновирање на кулата.

Додека Биг Бен е „во мирување“, жителите на Лондон ќе слушаат кога доаѓа нов час од кулата на Парламентот. Исклучок од паузата на најпознатиот часовник ќе бидат настани како Нова Година и Недела на сеќавањето.