Бифе пауза: Не е точно дека имаме изгор-цени

Бифето на Правниот факултет испрати реакција до Радио МОФ, во која се демантираат наводите на студенти од факултетот дека во бифето цените се превисоки за студентите, додека професорите плаќаат по повластени цени.

Бифе пауза: Не е точно дека имаме изгор-цени

Во реакцијата на сопственичката на бифето Светлана Брајковска се вели дека цената од 50 ден. за кафе која стои во текстот не подразбира и цена за сите видови кафе кои се служат во бифе Пауза. Според неа, од контекст е извадена и злоупотребена највисоката цена која се однесува на нес кафе .Останатите цени за кафе се: турско кафе 20, еспресо 30 а големо макијато чини 40 денари.

Во текстот објавен на веб-страницата на Радио МОФ, пренесен е дел од писмена изјава на професорот Ванчо Узунов, кој вели „ Колку што сум информиран цените се за нас нешто пониски во однос на цените кои ги плаќаат студентите“. Според газдарицата на бифето Светлана, таа за попустот за професорите дознала од насловот на текстот на Радио МОФ.

„Што се однесува до револтот на студентите заради немањето избор каде да јадат на пауза,констатацијата е прилично конфузно формулирана и контрадикторна,за што говори фактот дека во кампусот постојат и функционираат повеќе бифеа. Повеќе од очигледно е дека студентите имаат избор… само треба да се постави прашањето зошто студентите од сите факултети во кампусот го избираат токму бифе Пауза“, се вели во реакцијата на Брајковска.

Понатаму, таа ги нарекува тврдењата на студентите пренесени во текстот „паушални и нарачани изјави од неколку студенти (кои не ја претставуваат масата на студенти)“. Во изјавите, студентите велат дека цените во бифето се превисоки за нивниот стандард и зборуваат за формирање студентски клуб во кој тие би имале попусти.

Од споредбата на цените во другите бифеа на факултетите во Скопје која ја направивме, произлегува дека на Правен има цени кои се пониски, но и такви кои се повисоки од оние на другите факултети. Сепак, проверката на цените во Бифе Пауза одеше потешко, а репортерот на МОФ кој вчера беше таму, забележа дека никаде во објектот нема истакнато ценовник.