„Биди медиумски активен/на“ – Конкурс за средношколски новинарски тимови

Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија и Институтот за комуникациски студии (ИКС) го објавуваат конкурсот за избор на средношколски новинарски тимови „Биди медиумски активен/на“, со кој ќе се обележи Европската недела на медиумска писменост 2020.

Целта на конкурсот е средношколците да стекнат новинарски вештини и преку медиумска поддршка и новинарски обуки, да го свртат вниманието на јавноста и да ги предизвикаат носителите на одлуки за решение на младинските проблеми.

На конкурсот може да учествуваат сите средношколци од прва до четврта година кои ќе се пријават во тим од четири ученици и еден професор-координатор, сите од исто училиште. Средношколците треба да испратат предлози за изработка на новинарски приказни што ќе ги продуцираат во партнерство со еден од медиумите во Република Северна Македонија. Предлог идеите за новинарски приказни треба да содржат јасно образложение на одреден проблем со кој се соочуваат младите.

Конкурсот трае до 16-ти февруари.

Ќе се изберат шест тимови чии приказни треба да се испродуцираат до 13 март 2020 г. Секој тим ќе добие 400 евра во денарска противвредност за трошоци за продукција и работа на терен. Секој новинар од медиумот-партнер ќе добие 200 евра во денарска противвредност за менторската улога при продуцирањето на приказната.

Новинарските приказни, освен што ќе бидат објавени во медиумите, ќе се презентираат и на завршен настан којшто ИКС и Делегацијата на Европската Унија ќе го организираат на крајот на март 2020 г. во Скопје и ќе биде дел низата настани што Европската комисија ги организира во рамки на Европската недела на медиумска писменост.

Повеќе за конкурсот и начинот на кој може да се пријавите можете да прочитате на следниот ЛИНК.