Библиотеките почнуваат со работа – читалните засега остануваат затворени

По четири месеци пауза поради пандемијата на Ковид-19, библиотеките од денес почнуваат со работа, но со засилени мерки за заштита и посебен протокол кој бара дициплина и одговорност и од вработените и од читателите.

Работата со корисниците ќе се одвива во една смена од 08:00-16:00 часот, а во сабота нема да работат.

Во библиотеките засега ќе може да се позајмуваат и враќаат книги и да се обнови членство, или пак, да се запишат нови корисници. Читалните, пак, остануваат затворени до новите упатства.

„Корисниците ќе можат да ги вратат книгите и да позајмат нови. Вратените книги посебно се одвојуваат и во следните 72 часа нема да бидат достапни за издавање. Библиотеката нема да го евидентира пропишаниот рок за враќање на позајмените книги во периодот кога не работеше со корисници. На корисниците нема да им биде овозможено слободно пребарување по фондот“, стои во владиниот протокол.

Според него, вработените и корисниците задолжително треба да носат лична заштитна опрема за лицето, да одржуваат растојани од 1,5 – 2 метри, а објектите да обезбедат средство за дезинфекција на рацете и редовно да ги чистата просториите. 

„Ограничување на бројот на посетители согласно квадратурата на просторот, на 15 посетители на 100м² нето површина (површина предвидена за движење на посетителите, односно од бруто површината одземена површината на експонатите, мебел и друга опрема). Регулирање на бројот посетители во објектот, така што, откако ќе влезе максимално дозволениот број на посетители, повторно ќе може да влезат нови посетители, откако претходно ќе излезе и последниот посетител или на еден излезен посетител може само еден посетител да влезе. Задолжително да се одредат лица за контрола на спроведување на мерките пред влезот и во самиот објект“, се вели меѓудругото во протоколот.