„Би останал(a) ако“ – преку мемиња до повисока свест зошто младите ја напуштаат државата

Група млади ја основаа интернет страницата „Би останал(а) ако“ која има за цел да ја крене свеста за причините поради кои младите ја напуштаат државата и да придонесе во развивањето на дискусија околу ова прашање, информираат креаторите на страницата.

Таа содржи генератор на мемиња, анкета и простор за изразување преку свои колумни и ставови, а веќе доби и официјална страница на Фејсбук.

Според основачите на „Би останал(a) ако“ идејата за страницата настанала на една од годишните летни академии организирана од Младински образовен форум.

Тимот на „Би останал ако…“ го сочинуваат повеќе млади од различни градови, а негови членови се: Вилдан Дрпљанин, Глигор Мицајков, Ксенија Трајковска, Сара Миленковска, Дамјан Кувенџиев, Имет Ристеми и Ивана Смилеска.

„Помеѓу трите категории застапени на академијата, беше и категоријата „онлајн активизам“, од која се јави идејата за оваа иницијатива. Овој дел се состоеше од неколку предавања за новите алатки и нивната употреба кои беа организирани во сесии со практични вежби. По завршувањето на теоретскиот дел од предавањата, учесниците во повеќе тимови требаше да разработат и претстават индивидуална акција и план за нејзина реализација која спаѓа во полето на онлајн активизам. За победник беше избран тимот кој сметаше дека најголем проблем во Македонија е постојаното зголемување на бројката на млади кои ја напуштиле државата и чија иницијатива се нарекуваше ‘Би останал ако…’“, вели Вилдан Дрпљанин.

Според Сара Миленковска, само преку соочување со секојдневните проблеми и зборувајќи за истите, ќе се актуелизира потребата за промена.

„Целта е да изградиме здраво општество во кое младите ќе сакаат да останат и тие да го креираат без да бидат само една статистика за одлив на мозоци“, вели Миленковска.

Интернет страницата „Би останал ако“ е овозможена со поддршка од американскиот народ, преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД), во рамките на Проектот на УСАИД за граѓанско општество.