„Би-би-си“ снима активистички документарен серијал за Грета Тумберг

Шоуто ќе го прикажува растењето на Грета, додека таа патува околу светот обидувајќи се да ја покрене свеста за климатските промени.

„Би-би-си“ премиерно ќе прикажува документарен серијал за шведската активистка Грета Тумберг, а шоуто ќе ги следи нејзините интерконтинентални патувања додека таа ја крева свеста за климатските промени, ги охрабрува луѓето да се придружат на заедничката кауза и ги притиска светските лидери да воведат промени по ова прашање.

Според „Би-би-си“, серијалот исто така ќе го следи и растењето на Грета, додека таа се конфронтира со последиците на светот кој не презема акција. Истовремено, ќе се прикажува и процесот на пишување на некои од нејзините познати говори.

„Климатската промена е можеби најголемиот проблем во нашите животи, па чувствуваме дека е време да снимиме авторитетна серија која ќе ги истражува фактите и науката зад оваа комплексна тема. Да се работи на ваков проект заедно со Грета Тумберг е голема привилегија, особено фактот дека ќе добиеме претстава за тоа како е да се биде глобална икона и едно од најпрепознатливите лица на Земјата“, изјавил продуцентот Роб Лидел.

Тумберг стана лицето на движењето против климатските промени во 2018 година, кога го започна својот училишен штрајк за да ги повика властите да воведат посилни мерки за спречување на климатската криза.

Оттогаш, таа охрабри безброј млади луѓе да се придружат на нејзините неделни штрајкови, го предводеше најголемиот глобален протест против климатските промени, оддржа голем број на елоквентни говори и беше прогласена за „Личност на годината“ според „Тајм“ магазинот.

Тумберг патуваше од Европа до САД за да го посети Самитот на Обединетите нации, како и нивната конференција за климатските промени. За да стигне до САД, Грета едреше две недели, а како превозно средство користеше брод со соларни панели и подводни турбини.

Серијалот на „Би-би-си“ не е првото шоу кое ќе биде посветено на Тумберг и нејзините успеси. Во декември, стриминг сервисот „Хулу“ соопшти дека работи на документарец за глобалното издигнување на Грета Тумберг.

Извор: Dazed&Confused