„Би-Би-Си“ ќе одбележи 30 години од “Nevermind“ со нов документарец

Филмот за гранџ бендот и нивните искуства во Велика Британија ќе ги вклучува и поранешните членови на бендот како Дејв Грол и Крист Новоселиќ, пренесува „Dazed&Confused“.

Вториот студиски албум на „Нирвана“, “Nevermind“, излезе на 24 септември, 1991 година. „Би-Би-Си“ ќе го прослави триесетгодишниот јубилеј од издавањето на албумот со премиера на документарец кој го прикажува времето кое бендот го поминува во Велика Британија. Насловен „Кога „Нирвана“ ја посети Британија“, филмот ќе биде придружен со серија на специјални радио програми кои ќе бидат посветени на албумот.

„Кога „Нирвана“ ја посети Британија“ ја следи приказната пред излегувањето на албумот, кога во 1989 бендот ја посетил Британија во рамки на „Блич“ турата. Следејќи го бендот до 1994, документарецот открива како „Нирвана“ го запозна светот со еден нов и возбудлив вид на рок музика, променувајќи го музичкиот пејсаж на времето. Филмот истовремено прикажува како бендот влијаел врз британската младина.

Во документарецот ќе бидат вклучени неколку досега невидени снимки и домашни филмови на членовите на бендот, а документирана е и посетата на „помалку познати локации во Британија“ кои силно влијаеле врз славата на бендот. Исто така, ќе бидат вклучени и интервјуа со придружната екипа на „Нирвана“, како и преживаните членови на бендот, односно Дејв Грол и Крист Новоселиќ.

Според Грол, Велика Британија одговорила на енергијата на „Нирвана“ долго време пред Америка.

„Вие бевте секогаш попрви, многу се мачевме со вас. Откако имавме турнеја во Британија, се сеќавам дека се вративме во Америка каде свиревме во едни исти клубови, а публиката броеше 100 или 150 луѓе. Дефинитивно не беше како во Британија, која ја чувствуваме како втор дом“, вели Грол во документарецот.