Бездомници во Прага ќе пренесуваат безжичен интернет

На улиците во Прага излезе првиот бездомник „подвижен хотспот“ за безжичен интернет облечен во маица на која пишува дека секој кој ќе му се доближи, може бесплатно да се закачи на интернет.

Бездомникот Радим, познат меѓу жителите на Прага како продавач на цвеќе во близина на градското метро се согласи да стане пробен „подвижен Wi-Fi предавател“ како дел од проектот „Wi-Fi 4 life” со кој студентот Лубош Болечек се обидува да го спои практичното со хуманоста, да им помогне на бездомниците преку службата за бесплатен интернет на места каде нема бесплатен сигнал.

„Им помагам да го започнат проектот. Не се разбирам од интернет, ни од такви достигнувања“, изјави Радим.

Болечек планира да им понуди на градските власти и интернет провајдери, за време на пробниот период ќе ангажира шест бездомници кои осум часа дневно би минувале на фреквентните места во Прага, носејќи во џебот уред кој ќе овозможи луѓето што се на растојание до 20 метри да се приклучат на интернет.

Бездомниците за возврат би добиле храна, облека и сместување, а по шест месеци и понуда за вработување од градот или некоја фирма.

„Идејата ја добив за време на моите студии во Канада и не можев да најдам негде каде да се приклучам на интернет. Тогас се сетив дека проблемот со недостапност до интернет би можеле да ја решат бездомниците. Сега веќе тоа не е проект за интернет, туку како да им се помогне на луѓето кои паднале на дното“, изјави Болечек.

Пред три години во САД не успеа ваквата идеја, бидејќи една компанија беше мета на критики дека ги понижува и жигосува бездомниците.

„Бездомниците се веќе жигосани и на никој тоа не му пречи“, рече Болечек кој соопшти дека бездомниците ќе бидат облечени во неговите рекламни маици.