Безброј сопки за образованите млади кои сакаат да останат во земјата

Мизерни плати, лоши работни услови, партиска книшка во замена за работно место, недостаток од демократија и слобода, нецелосно почитување на човековите права… Ова се само дел од проблемите со кои се соочуваат високообразованите млади, кои сакаат да останат да живеат во Македонија и тука да ја градат својата иднина.

Безброј сопки за образованите млади кои сакаат да останат во земјата

Од уметноста па се до образованието, во сите сфери во општеството, младите со кои разговаравме велат дека наидуваат на безброј сопки поставени од институциите или системот, кои нивниот пат кон успехот го прават скоро невозможен.

Младата дипломирана композиторка Ана Пандевска, за Радио МОФ вели дека во земјава е тешко да се биде уметник а уште потешко да се заработува за живот од уметност.

„Веќе нема вистински критериуми за тоа што е квалитет, а што кич и површност, не само во уметноста туку во повеќето области од нашето општество. За жал се повеќе се поддржуваат оние кои својата работа не ја извршуваат професионално, а се прават сопки и отпори на луѓето кои се полни со ентузијазам, знаење, интелект, креативност, но немаат кој да застане позади нивниот труд, па мораат освен за својата работа, да трошат енергија и време за спротивставување на примитивизмот од другата страна“, вели Пандевска.

Според неа, повеќето дипломирани композитори работат како професори во музички училишта и тоа ако успеат да се снајдат за такво место, а речиси и да нема такви кои живеат само од заработката на нивните композиции.

Марија Станковска, која има докторирано епиграфика и денес живее и работи во Франција, вели дека иако заедно со сопругот биле подготвени да се вратат во Македонија, насекаде наишле на затворени врати.

Безброј сопки за образованите млади кои сакаат да останат во земјата„Уште пред да докторираме имавме контакти со факултетот од Скопје. Сопругот беше подготвен заедно да дојдеме во Македонија, ако барем еден од нас најде работа по струка. Но чудно, кога бевме при крај и се гледаше дека ќе докторираме, оние професори кои не удираа по рамо и ни велеа дека не чекаат да докторираме за да се борат за нас да дојдеме како професори на факултет, почнаа да не прашуваат “а нема ли шанси таму да останете? А да пробате во Грција?”, вели Станковска.

Таа раскажува дека на факултетот се отворило едно работно место кое одговарало на нејзиниот профил и се пријавила на конкурсот, по што преку интернет била контактирана од нејзина поранешна професорка, која ја опоменила дека местото за кое таа конкурирала, веќе било наменето за некој друг.

„Таа ме направи лом. Како сум смеела да се дрзнам и да се обидам да и го земам местото на асистентката што 10 години работи по договор за дело? Кога сум си заминала, сум требала да знам дека тука (во Македонија) останале луѓе што решиле во тие услови да работат. Тоа за неа беше како да газам преку лешеви. Одговорив дека не сум знаела дека конкурост бил за некого, зашто сум во странство и конкурсот ми го соопштија од семејството, го прочитале во весник. На тоа добив одговор дека требале да се јават од семејството да се распрашаат. Во Македонија нема шанси да напредуваш само на основа на лични квалитети“, додава таа.

Економистите велат дека младите најмногу се решаваат да ја напуштат земјата заради квалитетот на животот или немањето соодветно работно место.

Izjava na Hristijan Risteski od Centarot za ekonomski analizi by Radio Mof on Mixcloud

„ Во отсуство на официјални информации за тоа колку лица живеат во Скопје или работат надвор од своите градови, може да се забележи дека бројот на учениците во основните и средните училишта е драстично намален, што значи дека многу лица емигрирале. Како пример може да посочиме дека пред десет години во Прилеп имаше три дискотеки преполни со млади луѓе, сега само една работи навечер а и таа не е секогаш полна. Тоа се силни сигнали дека многу од луѓето веќе не живеат таму или доаѓаат само за викенд, ако се во Скопје“, вели Христијан Ристески, економист во Центарот за економски анализи.

Според него, креирањето на работни места е сигурно еден од чекорите кои ќе доведат до намалување на сиромаштијата и невработеноста а со тоа и емигрирањето на лицата во странство.

Но постои и уште една причина зошто Марија Станковска не би се вратила во Македонија. Вели дека откако и се родила ќеркичката, сакала таа да порасне во општество со демократија и почитување на човековите права.

„Мојот сопруг е половина Грк, а половина Англичанец и еднаш мојот внук се врати од училиште (тогаш четврто одделение) и ја праша мајка му дали е вистина дека Грците ни се непријатели. Учителката така им кажала! Е потоа сите си раскажуваме приказни дека ние сме отворен, мирољубив и гостопримлив народ. Како да се развива едно дете во слободен и отворен дух, без предрасуди во општество каде учителката им одредува кој е лош, а кој е добар??? Има уште многу, многу примери…си го сакам семејството, си ги сакам пријателите, убава е Македонија, но во македонското општество нешто не е како што треба…“

Пред неколку дена Еуростат објави дека од 1998 до 2011 година, 230.000 граѓани официјално се иселиле од земјава, што претставува повеќе од 10 отсто од вкупното население во Македонија. Се претпоставува дека реалната бројка на иселени лица е далеку поголема, бидејќи многумина го немаат регулирано престојот во странство.

Кристина Озимец