Без телевизори во француските кафулиња и ресторани за време на Европското првенство во фудбал

На сопствениците на баровите и рестораните во Франција ќе им биде забрането да постават телевизор на терасите, или во дворот за време на Европското првенство во фудбал.

Контроверзниот потег има за цел да ја подобри безбедноста за време на едномесечниот турнир, бидејќи француските власти очекуваат помалку луѓе да се собираат надвор од официјалните фан зони, ако се забранат отворените видео бимови.

Франција е во вонредна состојба, по нападите во ноември минатата година, во кои загинаа 130 лица на рок концерт, на терасите од баровите и рестораните, и надвор од „Стад де Франс“, стадионот каде фудбалскиот турнир ќе започне утре.

Фан зоните обично се поставени на плоштадите или парковите, во близина на центарот на градот, дозволувајќи им на симпатизерите да го следат натпреварот на големиот екран. По нападите во Париз, се додадени дополнителни безбедносни мерки, вклучително и засилен видео надзор.

Министерот за спорт Тиери Брељард соопшти дека официјалните фан зони се единствениот јавен простор каде ќе бидат поставени екрани.

„Не можеме да прифатиме неорганизирани собири, бидејќи полициските сили немаат средства за да ги обезбедат“, изјави Брељард.

Се очекува забраната да добие критики од сопствениците на барови и ресторани, особено во јужниот дел на Франција, каде луѓето ги поминуваат топлите летни вечери.

Бернард Марти, раководител на најголемата француска унија на хотелската индустрија во областа на Марсеј, вели дека е збунет од најавата на министерот, велејќи дека тој доби контрадикторни информации од полицијата.

„Владата треба да ги координира подобро нејзините службеници за да можеме да дознаеме што се случува“, рече Марти.

„Можеби сакаат да ја подобрат економијата на Марсеј само во фан зоната, на сметка на сите други трговци на мало, кои направија инвестиции”, додаде тој.

Европското првенство во фудбал ќе започне утревечер, а ќе трае до 10 јули.