Без соодветна социјализација и едукација младите од Демир Хисар нагло се иселуваат

Поврзаност, пари, подобрување на состојбата и слободата се работите со кои средношколците од Демир Хисар ја поврзуваат Европската Унија. Нив вчера ги посетија евроамбасадорот Самуел Жбогар и актерот Дритон Вејсели од популарната домашна серија „Преспав“.

Делегацијата на Европската Унија реши да излезе од својот „меур“ во Скопје и да ги посети најмладите во повеќе општини низ државата, рече амбасадорот. Низ дискусија и лични примери, тој се обиде да им пренесе на средношколците кои се придобивките од ЕУ за нивната држава и кои се всушност вредностите за кои се залага Унијата.

„Колкумина од вас планираат да студираат?“ – ги праша Жбогар учениците. Речиси сите сигурни во себе одговорија дека сакаат да го продолжат своето образование во друг град, но исто толку енергично одговорија и дека не планираат да се вратат назад.

За евроамбасадорот ова е алармантно и порача Владата да се погрижи за проблемот со миграцијата на младите.

„Дискутирав со вашата директорка и сфатив дека најголемиот проблем овде е намалувањето на бројот на ученици. Таа рече дека порано имало 500 ученици, а сега сте 130, што е одраз на миграцијата“, рече тој.

„Ова е мал град, немаме социјален живот, а сите се иселуваат“, му одговорија тие.

Покрај ова, тие ја споменаа и ифраструктурата како голем проблем.

„Улиците се во прилично лоша состојба, не знам дали ги видовте?“, го прашаа дел од учениците.

„Се соочуваме со проблемот што немаме никакви спортски активности, нема клубови. Исто така, немаме театри, најблиското место за да го добиеме тоа е Битола“, се надоврзаа другите.

„Брегзит“ и промената на името најчести прашања

Гостин на посетата беше и актерот Дритон Вејсели кој го игра ликот на рецепционерот Талат од популарната домашна серија „Преспав“, финансирана од ЕУ. Него го дочека редица ученици кои сакаа да се фотографираат. Ги интересираше кога ќе биде емитувана новата сезона и што ќе се случува во неа. За Дритон, пак, она што му е најдраго околу серијата е тоа што успеале низ комични ситуации да ги спојат своите различности.

„Целата поента на серијата се различностите кои живеат во нашата држава. Јас сум Албанец кој живее во Македонија. Различностите се она што не’ прават нас Македонија. Секоја националност придонесува со нешто за државата. Хуморот е алатката со која ние се бориме со стереотипите во серијата. Со тоа што ги исмеваме е најдобриот начин како да се ослободиме од нив“, им посочи тој на учениците.

Но, прашањата кои најмногу се вртеа за време на посетата се однесуваа на „Брегзит“ и промената на името.

„Главната лекција што сите ја научивме од „Брегзит“ е тоа што не мислам дека друга држава би се залагала за излез, бидејќи гледате колку зависни сме и колку е тешко да си замине една држава. Кога еднаш ќе се приклучите, станува невозможно да си одите. Тоа во моментов се случува со Велика Британија. Досега немаа граници, а сега ќе треба да стават. Луѓето таму се навикнаа дека може да се движат без никакви бариери“, посочи Жбогар.

Во однос на промената на името, тој нагласи:

„Знам дека беше тешко и изгледа нефер и неправедно. Веројатно е од се’ по нешто. Но, по 10 години блокада, очигледно на државата не и’ одеше добро. Во 2008 година бевте блокирани за НАТО, а во 2009 за ЕУ. Оттогаш не можеме да кажеме дека државата напредувала. Можеби за одредени нешта, но во целина стагнираше. Можете само да замислете каде би била државата ако ги започневте приговорите во 2009 година. Тоа би било пред Хрватска. Тоа значи дека сте загубиле 10 години. Не е важно зошто, но тоа е фактот. Мислам дека беше мудро наместо да се чекаат уште 10 години каде ќе бидете заглавени, а сите останати ќе одеа напред, да се направи овој тежок компромис и да се прифати името и да се види како државата оди напред и да се обидеме да го надоместиме изгубеното време од минатите години. Ние така гледаме на тоа. Затоа и го прифативме, сметаме дека е храбра и визионерска мисија.“

Според него, историјата треба да им се остави на историчарите, а иднината на граѓаните.

„Јас сум од Словенија, ние немавме некоја историја. Секогаш сме биле како дел од нечија друга. Илјада години бевме под Австро-унгарската империја, а потоа бевме дел од Југославија. Така што немавме свое кралство, немавме големи херои. Но, јас не чувствуваме дека тоа е проблем за нас. Мислам дека имаме самодоверба и горди сме што сме дел од ЕУ и што сме држава каде многу луѓе не” посетуваат и многумина, меѓу кои и македонските ученици, доаѓаат да студираат. Ние ја изградивме нашата нација преку нашата култура. Со нашите поети, писатели, јазикот… Така се изградивме како народ и се уште ја надоградуваме. Инвестираме многу во култура. Имаме многу културни настани и посебен Ден на културата кога не се работи и луѓето може да посетуваат музеи“, рече тој.

Учениците беа заинтересирани и за иднината на Унијата – што ако и друга држава сака да се оддели?

За Жбогар, ако порано економијата и просперитот биле првите заложби за европските граѓани, денес тоа е безбедноста и миграцијата.

„Поради миграцијата, државјаните на ЕУ престанаа или повеќе не им веруваат на институциите како порано и веруваат дека државите се единствените кои можат да ги заштитат. На тој начин, се забележува пораст на повеќе националистички, анти-ЕУ и популистички сили. На крајот на мај ќе имаме избори во Европскиот Парламент, и моментално големата борба се води помеѓу овие сили кои излегоа од стравот поради тероризмот и војната во Сирија, а од друга страна, партиите кои се борат за вистинската Европска Унија и нејзините вредности“, рече тој.

На крајот од дискусијата, Жбогар им порача на средношколците да не се откажуваат од Демир Хисар и нивната држава, туку да се обидуваат да придонесат колку можат.

Настанот беше организиран во склоп на Проектот за младинско изразување, финансиран од Европската Унија.

Емилија Петреска