Без да знае, биологот Бранко Мицевски се најде во Студија за гасоводот на Водно

Сосема случајно, биологот Бранко Мицевски преку разговор со познаник дознал дека е вметнат како „соработник“ во Студија за оцена на влијанието врз животната средина (ОВЖС) за делница за гасоводот, чија траса е планирано да минува низ Водно.

Бранко Мицевски

Мицевски е затекнат и револтиран од ситуацијата. За Радио МОФ тврди дека воопшто ниту бил консултиран, ниту имал некаков договор за учество во Студија за делницата 5 Скопје – Гостивар – Кичево, изработена од „Технолаб“ во 2011 година, а по нарачка на Министерството за транспорт и врски.

„Воопшто не сум бил вклучен! Ниту ме контактирале, ниту имале право да го стават моето име во листата. Со ‘Технолаб’ сум немал никаков виз-а-ви контакт. Ова е веќе легален проблем“, вели професорот од Природно-математичкиот факултет.

Ако се погледне документот, таму пишува дека одговорен експерт е Магдалена Трајковска Трпевска, генералниот менаџер на „Технолаб“. Понатаму, раководител на тимот за изработка на Студијата е Љубомир Ивановски, а Мицевски е впишан во листа заедно со  Ана Петровска, Митко Караделев, Андријана Велјаноска, Марјан Ѓуровски и Бранкица Костова.

Мицевски се присетува дека некаде во 2010 година, имал договор со фирмата „Простор“ за изработка на состојба на биодиверзитет на потегот од Клечовце до Неготино. Меѓутоа, вели тој, се работи за сосема различен проект.

„Ова што го зборите е друга делница. Мојот дел за биодиверзитетот, отпосле е ставен во таа Студија за гасоводот од Клечовце – Неготино. Но, тоа кога го правев, не се знаеше кој ќе ја изработува Оценката за влијание, дали ‘Технолаб’, или некој друг… Сега, воопшто не знам како изгледа Студијата (Скопје – Гостивар – Кичево н.з.) за која зборувате, што содржи, и што точно направиле“, потенцира Мицевски.

Радио МОФ дојде и до другиот документ што го споменува професорот. Листата на соработници е буквално идентична. И редоследот на наведени експерти е ист, од прв до последен.

Паралелен приказ на двете Студии за Скопје-Гостивар-Кичево (лево) и Клечовце – Неготино (десно)

Генерално за заклучоците на вакви студии, Мицевски нагласува дека секоја документ-оценка треба да има алтернативни траси. Во нормални случаи се избегнуваат заштитени подрачја. Бидејќи, вели, Водно е парк-шума, а второ – е „емералд“ место.

„Така да, можеле по тој основ да го избегнат, бидејќи, нели, постои таква можност. Но, не ми се познати моменталните алтернативи за траси. Обично се прави темелно, сите краци, предлози да се разгледаат, валоризираат. Да се најде најдобро решение. И по однос на финансии, секако, но тоа не може да биде пресудно доколку постои некој импакт врз животната средина. Треба да се предвидат работи по однос на фрагментација на хабитати, загрозување живеалишта на ретки видови, загрозени видови од листи на меѓународни конвенции итн. Тоа е суштината на една издржана Оценка на влијанија, а не само сечење на дрвја. Дрвјата, дрвната маса е само една стотинка. Зборуваме и за растенија, животни, хабитати. Пошироката слика“, објаснува Мицевски.

Бранко Мицевски, архивска фотографија

За иницијативата Го сакам Водно, доколку професорот не бил консултиран и договорен, ова остава црна сенка за процесот со гасоводот. Оваа студија, велат активистите, е веќе е спорна зошто не го обработила детално влијанието на трасата низ заштитената Парк-шума Водно.

Вака, ја ставаат под знак прашање валидноста на целата студија, односно начинот на нејзина изработка и фактичкиот удел на наведените „соработници“.

„Студијата како таква повеќе нема валидност, зошто се злоупотребило името и експертизата на едно лице, професор на ПМФ во случајов. Целата студија станува ништовна и мора да се изготви одново, но од друг изработувач, со многу повисоки стандарди. Поточно, потребно е да се изведе Стратегиска оцена на животната средина (СОЖС), наместо ОВЖС, со земање предвид на влијанието и оправданоста на проектот од аспект на климатските промени и нивниот ефект. Нашата држава го ратификува Парискиот договор за климатски промени и има обврска да го спроведе, исто како и да ги спореведе Конвенциите кои го штитат биодиверзитетот и дивиот свет во нашата земја, природните живеалишта и соодветните ЕУ Директиви. СОЖС или ОВЖС мора да ги имаат предвид и обработено овие задолженија при изработка“, потенцираат од Го сакам Водно за Радио МОФ.

Според активистите, овие студии се од есенцијално значење. Затоа, остануваат на ставот – бараат нова траса која ќе оди надвор од Водно, а со тоа и нова СОЖС.

Го сакам Водно на разни начини искажуваа став против гасовод низ заштитеното подрачје

„За постојнава траса бараме нова ОВЖС, поради пропустите кои ги има за овој дел на заштитеното подрачје Парк-шума Водно, како што впрочем тоа го наведува и Град Скопје“, потенцираат еко-активистите.

Министерството за транспорт и врски како нарачател на Студијата за Радио МОФ велат дека имаат склучено регуларен договор со „Чакар Партнерс“ за изработка на основен проект за изградба на делница Скопје – Гостивар – Кичево. Министерството добило комплетен проект, а наведената фирма потоа сама си склучува договори за останати документи со физички лица и фирми, како во случајов во „Технолаб“ за Студијата.

„Согласно договорот, ‘Чакар Партнерс’ во одреден рок имаше обврска да ни достави готов проект, вклучувајќи ја и Студијата. Тоа беше испочитувано. За нас е важно да биде содржана комплетната документација, со потпис и печат, со сите соработници и фирми што работеле на тој проект. И ние како таков сме го прифатиле. Министерството за транспорт и врски нема обврска да консултира одредени лица“, ни соопштија од Министерството.

„Технолаб“ е фирмата одбрана како изработувач на Студијата, но од таму засега не добивме одговори за начинот на ангажирање на луѓето, дали има Договори за соработка, и зошто името на Бранко Мицевски се нашло во документот. Денес таму единствено беше присутна администраторка, која рече дека директорката е на одмор, а самата не е овластена за вакви информации.

Дел од Водно каде е предвидена гасоводна траса

Инаку, иницијативата Го сакам Водно веќе објави поопширна анализа околу гасоводната делница низ Водно. Наведоа низа недоследности во документацијата, потенцирајќи дека од сите 53 документи наведени во Одобрението за градба, ниту еден не е документ со кој е одобрена градба во заштитено подрачје.

Исто така, потенцираа, ОВЖС за овој проект не го изработува делот кои минува низ Водно, а МВР не се изјаснило по барањето за мислење при добивањето на Одобрение за градба, што не е пракса. Исто така, наведоа и нелогичности во датумите на поднесувања на барања, издавање на документите, и склучувањата на договорите.

И Град Скопје во декември 2017, со потпис на градоначалникот Петре Шилегов, достави одговор до МЕР (АД задолжено за гасоводот) во кој заклучува дека треба да се преиспита трасата, и да се повтори постапката за документацијата за предметната делница.

 

Бојан Шашевски