БЕСТ Скопје организира нов инженерски натпревар – EBЕС

Бордот на европски студенти по технологија – БЕСТ Скопје, од 15 до 18 февруари, по осми пат организира инженерски натпревар – EBEC.

Со натпреварот, како што велат од БЕСТ, им се нуди шанса на македонските студенти да ги истакнат своите способности за креативно решавање на инженерски проблеми, а на компаниите соработнички им овозможува директен контакт со најдобрите студенти и одлична шанса за нивна регрутација.

„Натпреварот ќе се одржи во просториите на компаниите IT Labs, кои се наши годишни партнери, како и Dox Team, кои се овогодишни соработници за EBEC. Во склоп на натпреварот ќе се одржи и Локален настан за образование (Local Event on Education) на тема: ‘Традиционални наспроти современи методи на предавање – Патот до успешна работна кариера?’“, велат од БЕСТ.

Во следните два дена, учесниците ќе се натпреваруваат во две категории: Case Study & Team Design, во просториите на IT Labs и Dox Team, а пак на 18 февруари ќе се одржи официјалното затворање на настанот.

EBEC 2

Работата на учесниците ќе биде следена и оценувана од страна на стручно жири составено од претставници од компаниите, како и професори од техничките факултети при УКИМ.

„EBEC е кратенка од Европски БЕСТ Инженерски Натпревар (European BEST Engineering Competition) и секоја година се одржува во три рунди: локална, регионална и интернационална. Победниците на локалната рунда ќе отпатуваат оваа пролет во Мостар, Босна и Херцеговина каде ќе се натпреваруваат со победниците на останатите локални рунди од регионот. Најдобрите групи од регионалните рунди пак, ова лето ќе имаат можност да ги покажат своите способности пред европските студенти и професори во Брно, Чешка, како и да се запознаат и да разменат искуства со претставниците од компаниите – партнери на EBEC“, стои во соопштението на БЕСТ Скопје.

Повеќе информации околу настанот тука, a сите заинтересирани можат да се пријават на следниот линк.

Инаку, БЕСТ- Борд на Европски Студенти по Технологија е непрофитна и неполитичка организација, целосно водена од студенти. Целта е континуирано да придонесуваат за културен и академски развој, како и зближување на студентите од цела Европа.