БЕСТ Скопје организира есенски регионален состанок на студентите по технологија

Бордот на европски студенти по технологија – БЕСТ Скопје од 13 до 16 октомври организира есенски регионален состанок на кој ќе присуствуваат педесет делегати од Европа.

Целта на овој настан е учесниците да споделат знаења, искуства поврзани со организацијата, како и да се припремат за престојниот Претседателски состанок кој ќе се одржи во ноември во Истанбул. Настанот ќе се одвива на Попова Шапка, а ќе учествуваат делегати од Црна Гора, Србија, Македонија, Грција, Турција, како и гости од други партнерски организации од цела Европа. За време на настанот ќе се одржуваат работилници и тренинзи на различни теми на кои учесниците ќе им овозможат да научат повеќе за тимска работа, лидерство, менаџирање на времето, мотивација и слично.

Покрај спроведените обуки, работилници и тренинзи, учесниците на регионалниот состанок ќе имаат можност да се запознаат со убавините на нашата земја, богатите култури и јазици на сите земји од каде доаѓаат учесниците, вкусната храна, како и да стекнат пријателства со студенти од цела Европа.

БЕСТ, Борд на европски студенти по технологија, е интернационална студентска непрофитабилна и неполитичка организација, целосно организирана и водена од студенти. Таа ги поврзува студентите од 96 технички универзитети од 33 земји во мрежа која се одржува преку многубројни заеднички проекти, интереси и пријателства.

Секоја година се организираат повеќе од 120 меѓународни курсеви, семинари и конференции, на кои студентите од различни европски земји учат и разменуваат искуства и идеи. Повеќе од 4800 членови секој ден се инволвирани во развојот на услугите на БЕСТ, а речиси милион студенти се вклучени во бројните настани и иницијативи.